Блекаут

31 March 2008

„Мојот Скендербеј“ на Драги Михајловски достапен преку интернет

Мојот Скендербеј од Драги МихајловскиОд денес, во електронска верзија, стана бесплатно достапен за преземање наградуваниот роман „Мојот Скендербеј“ од Драги Михајловски. Со оваа е-книга се заокружува процесот на дигитализација на 14 негови дела, објавени под лиценци од палетата на Криејтив комонс

29 March 2008

Октопод јаде ајкула

Во аквариумот во Сиетл, одговорните мислеле дека е добра идеја да се премести октоподот во големиот оддел каде што имало и ајкули...

За клипов инаку дознав преку книгата „Долгиот опаш“ (The Long Tail) на Крис Андерсон.

28 March 2008

Фото од промоцијата на книги од блогери

Фоткава е снимена на 28.03.2008 во тек на промоцијата на 14 книги од блогери во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје.


Меѓу многуте луѓе на лице место имаше и некои со далеку подобри фотоапарати од мојот телефон, а и една девојка со видео-камера. Очекувам далеку поквалитетни визуелни записи по други блогови и сајтови.

Бременост низ стрип

Мојата сакана сопруга (на македонски: жена ми) вели дека едно стрипче од Кит Најт ја искажува вистината за бременоста. Таа секако поквалификувана од мене на темата. О:-)

Македонска ГНУ/Линукс планета - еден предлог

Македонска ГНУ/Линукс планета е еден од најдобрите агрегатори во земјава, не само затоа што и немаме многу агрегатори, туку затоа што нејзините членови најчесто блогираат аргументирано и со голем жар.

При денешниот преглед забележав дека Планета не го прикажува вметнатото видео од Ју тјуб кое постои во оригиналниот пост на Би за „Жена и куќа“. Би за среќа има експлицитно наведено и линк до оригиналната страница на видеото. Во други случаи, ако членовите на Планета вметнуваат видеа, треба да го сторат истото, што може и да го пропуштат. (Јас на пример, кога вметнувам видеа веќе и не чувствувам потреба да додадам линк, мислам дека кодот за ембединг е доволен.)

Ако уредувачка политика на агрегаторот е да го игнорира кодот со флеш во него (не навлегувам во оправданоста), тогаш би било добро автоматски да се вметнува ознака дека „овде има видео, но за да го видите кликнете на пермалинкот до оригиналиот пост“ или така нешто.

Меѓу митот и стравот

ОгледалоДали ви звучи познато оваа ситуација?

„Како нација со долга, но честопати селективна и симплифицирана историска меморија, ние сме во постојана опасност да не влеземе во стапица меѓу митовите на минатото и стравовите од иднината, и ја губиме шансата целосно да ја разбереме сегашноста.“

Цитатот е пренесен од текст на Никос Констандарас од Катимерини, пренесен од Макфакс.

27 March 2008

Биволи против лавови

Меѓу видео-клиповите од изборот на најдобри на Јутјуб за 2007 е оној во категоријата „очевидец“, кој е на ниво на најдобрите епизоди на „Опстанок“.



Значи прво одат биволите, па после тука е и лавот, ама не е сам, всушност се лавици, па... и на крај кога му ја скрши кичмата... и на брат му му ја скрши кичмата.

Ептен е возбудливо, а едновремено може да обрнете внимание и на коментарите на луѓето што снимаат, како некои од забелешките се повторуваат и амплифицираат...
Бонус линк за тие што ги сакаат животните.

Развод на албански начин - нов документарец

На блогот feministik има куса рецензија на новиот документарен филм „Развод на албански начин“ од бугарската режисерка Адела Пеева, која на времето се прослави со документарецот „Чија е оваа песна“.

25 March 2008

Панорамио како алатка

Пинчер Барнет препорачува користење на Панорамио за промоција на Македонија.

Ја поддржувам иницијативата. Токму за таа намена и јас пред едно пола година отворив подружница таму.

Елементи, нова е-книга од Леонова

Леонова објави дел од својата поезија и во форма на е-книга, дело кое го интегрира текстот со визуелен дизајн и фотографски елементи:

Елементи е достапна во ПДФ-формат, објавена под Криејтив комонс.

Мајмунот испадна попаметен од мене!

Шимпанзото АјумуВо текстот за мозочна гимнастика, Гуд бајтс го постави прашањето:
Ајуму е 7-годишно шимпанзо... Дали можеш да го победиш Ајуму во овој тест на меморијата?
Признавам, вечерта на 24.3.2008 се обидов и освоив помалку поени (6) од мајмунот-Јапонец (8). Како оправдание смислив дека мајмунот е помотивиран, оти тој сепак решава тестови за да си заработи храна, а со победа на тестов јас единствено би си ја нахранил суетата. Пробајте и вие!

24 March 2008

Јапонија: Американскиот енка-пеjач предизвикува возбуди

Џеро, првиот енка-пејач роден во Америка, стана тема на муабет во јапонската блогосфера минатата недела откако го објави својот деби-синг „Умјуки (Океански снег)“. Синглот го освои четвртото место на топ-листата на Орикон, со што постави рекорд и за жанрот енка и за топ-10 листите во однос на деби сингл од овој жанр.

Поздрав до Би и другите љубители на јапонската култура.

Фиктивни, а славни (можни) Македонци?

За задоволување на хистеријата со наметнување етнички идентитет која е во тренд кај нас, еве и неколку ликови од современата популарна култура кои можеби се со етничко македонско потекло:
Алекс КаревАлекс Карев од Вовед во анатомија.
Помакедонско презиме од Карев, со традиција, нема уште од 1903 г. До душа, може да има и некои Бугари Кареви. Нема врска. За ликот на младиот доктор што не сака многу учење, а сака да се кара и мрчи, официјално се знае дека е по потекло од Ајова и дека имал несреќно дејство, со татко пијаница. Додека студирал бил борач (еден од ретките трофејни спортови во РМ). Не можев да најдам ништо дополнително за потеклото, па се обратив на обожавателскиот сајт за Алекс и Изи. Ајс, една од администраторките, ми кажа дека нема нема повеќе информации, освен дека „името звучи источноевропски“.
Оценка: * ** (три сонца)

Модести БлејзМодести Блејз, чија приказна започнува со:
„Во 1945 година безимено девојче избегало од бегалскиот камп во Калирос, Грција. Таа не се сеќавала на ништо од своето кусо минато. Талкала низ повоените медитерански и арапски региони. Во текот на тие години го научила грубиот начин на преживување.“
Дете-бегалец од Грција, со избришано сеќавање на минатото - звучи сосем егејски. Скоро како Тед Јанас од книгата Македонскиот конфликт на Лоринг Данфорт, кој го минал поголем дел од животот несвесен за своето потекло. Плус, пунџата е омилен вид на фризура на Македонките од таа генерација.
Оценка: * * * (три сонца)
Гркот Зорба Гркот Зорба е лик од истоимениот роман, кој Казанѕакис го втемелил на вистински човек кој го завршил животот во Скопје, меѓу „славофоните“. Романот бил објавен и под името Алексис Зорбас, а е прославен преку филмот со Ентони Квин. Во книгата на места се споменуваат шаренолики детали за потеклото на мераклијата, кој се борел за Грција против Отоманската империја, како и многу етнички Македонци од тоа време.
Оценка: **** (четири сонца)

„Австријците од ЕВН“

Нели е ксенофобно што некои од македонските медиуми ни ја пукнаа главата со фразата „Австријците од ЕВН“, а ниеден медиум не ја користи „Австријците од ВИП“?

Првата особено се употребува во контекст на непопуларните исклучувања струја поради неплаќање, додека втората не се употребува при информирање за поволности и намалени цени што Австријци ги донеле на пазарот на мобилна телефонија во РМ.

23 March 2008

Пронајден клипот од „Шовинистичка фарса“

Благодарение на еден непознат читател кој го оставил линкот во коментар на постот „Прво су настале амебе, па Јевреји...“ може да видиме клипче од легендарната претстава „Шовинистичка фарса“ во кој антологиската двојка Предраг Ејдус и Јосиф Татиќ расправаат кој народ бил најстар.




(Ако се спореди оригиналниот текст со оној што го имам запамтено, се гледа дека човечкото помнење е лажливо - сум имал „дупки“ во редоследот.)

21 March 2008

Најстариот, ама од најмладите (балканци)

Како и обично, во веста за откривање праисториски човечки скелет во Грнчарица, се провлекува опасен пристап кој ја нарушува нашата објективност, а ја храни македонската суета. Клучните делови ги означив со болд:
Човечки скелет што датира 7,000 години пред новата ера открија денеска македонските археолози, кои претпоставуваат дека станува збор за најстариот неолитски жител на Балканот.

Скелетот е откриен на археолошкиот локалитет Грнчарица, кај штипското село Крупиште.

„Ако се земе во предвид дека населбата е една од најстарите на Балканот и ова е погребување во една најстара населба, најнормално дека тоа е најстариот човек на овој простор", изјави археологот Трајанка Јовчевска.
Неолит = младо камено доба, односно најблискиот до нас период од предисторијата. На Балканот луѓе живееле стотици илјади години пред овој жител, од пралуѓето од Петралона, Грција, до последните неандерталци од Крапина, Хрватска.

Дијалектика на Гугл видео

Од Гуд бајтс дознав дека епизодите од серијата Дијалектика која оди на А1 може да се најдат и на Гугл видео, сосе титлуваниот превод на македонски.

Ова е добар потег на авторите, оти барем го враќаат на интернет она што од неа го имаат земено за употреба во традиционалните медиуми.

20 March 2008

Шри Ланка: Сеќавања на Артур Кларк

Артур КларкСмртта на Артур Кларк (1917 - 2008) поттикна многу луѓе, од ентузијастички љубители на научна фантастика, до оние кои знаеле за него, да блогираат свои впечатоци. Од краток поглед, до случајен разговор, многу блогери од Шри Ланка споделуваат пријатни сеќавања за Кларк, кој го сметаат за визионер и футурист. Британскиот писател живеел во Шри Ланка од 1956 година.

(Ова е прв напис што го имам преведено за Глобал војсис на македонски.)

19 March 2008

„Пружете му задоволство на шефот!!!“

Гонце Јаковлевска, уредничката на Граѓански свет, во текстот „Пружете му задоволство на шефот!!!“ (бр. 79, 02.2008), пишува:

Деновиве, на телевизиските програми се појави нова реклама, за ново кафе. Претпоставувам веќе сте ја виделе. Секретарката се лизга по маса на стомак и се запира пред шефот со чаша од тоа, новото кафе во рака? Не знам какви чувства ви буди вам, ама јас по првото гледање морав да си ја потприберам вилицата од чудење, згрозување, неверување... како може некому да му падне нешто вакво на памет? Како можеше никому да не му падне на памет да реагира на рекламава?

Рекламните агенции главно ја користат жената, односно нејзиниот физички изглед за да ја зголемат продажбата на продуктите на нивните клиенти. Сакајќи или несакајќи тие ги портретираат нејзините стереотипни улоги во општеството. Па, постереотипно од ова, здравје! Кои се пораките на рекламава? Жената е едвам способна да биде и секретарка, ни кафето не може без проблеми да го донесе во собата за состаноци (во рекламата таа паѓа носејќи го кафето). Затоа, драги мои дами, не бранувајте и не претендирајте на повисоки позиции!!! Па погледнете ви се молам кој седи на фамозната маса за состаноци: само мажи! Природно зарем не?! А што значи тоа што секретарката е во лежечка положба... Боже драги, зарем тоа не е премногу?

Е токму затоа се бунам за вакви злоупотреби на реклами и пропаганда.

Умрел Артур Кларк

Научникот и автор на научна фантастика Артур Кларк (1917) умрел во Коломбо, Шри Ланка.

Боинг боинг нема дополнителни информации, но линкува до инспиративен некролог во Л.А. Тајмс.

18 March 2008

Хобитите и кретенизмот

Сироти хобити од Флорес (29.10.2004).

Замислете свет населен со малечки луѓе, џуџести слонови и големи глодачи. Изгледа пофантастично од траварскиот Шајер. Изгледа дека повеќе луѓе би се согласиле дека „Фродо е жив!“ од оние кои би ја поддржале претпоставката за праисторискиот екосистем на изолираниот индонезиски остров.

Банер за Глобал војсис на македонски

Global Voices на македонскиПоддржете го Глобал војсис на македонски со поставување соодветен код за банерче.

Вклучувањето на нашиот јазик во семејството и преведувањето на странските написи не само што го подига нивото на информирање на македонските говорители, туку им покажува на сите читатели на овој влијателен сајт дека таков и таков јазик постои, како и луѓе кои го користат.

Македонската и албанската верзија на Глобал војсис објавени официјално

Глобал војсис (Global Voices) официјално го објави отворањето на нови јазични оддели на овој влијателен портал кој пренесува содржини од светската блогосфера:

17 March 2008

Компирова естетика

Во коментар на постот „Конкурс за најдобра фотографија на компир“, Виолетова вели:

не би се нафатила да бидам во комисија за оценување слики на тема - компир... Puzzled

И мене жирирањето ми личи како голем предизвик, иако очекувам ваква „ограничена“ и прозаична тема да поттикне многу креативни решенија од целиот свет. Оти компирот не е за потценување. На пример, во Бруж наскоро ќе се отвори музеј на компирот, кој во негова пржена форма (македонски: помфрит, англиски: french fries, француски: frites, холандски: frietjes) Белгијците го сметаат за национално јадење

15 March 2008

Македонија ја брани Европа од расна хомогенизација на историјата

Во текстот „Македонија мора да ја одбрани Европа“ (Macedonia must defend Europe) Марко Хоаре укажува на еден исклучително важен аспект на спорот со името:

Сваќам дека за ментално здрава личност може да биде тешко да разбере што се случува тука: замислете Англичаните да започнат борба со Велшаните за тоа дали Будика била ’англиска‘ или ’велшка’, или со Французите за тоа дали Ричард Лавовско Срце бил ’англиски‘ или ’француски‘. Замислете Французите да се закачат со Германците за тоа дали Карло Велики бил ’француски‘ или ’германски‘. Ниедна зрела, демократска нација не би презела вакво нешто. Од друга страна во 21 век очигледно е возможно проширувањето на НАТО и стабилноста на Балканот да биде загрозена од такво прашање. Всушност, импликациите се уште поопасни: ако Словени не смеат да го користат наследството на Александар Велики, дали граѓаните на Велика Британија со потекло од Западноиндиските острови или Азија смеат да го споделат наследството на Будика или Ричард Лавовоско Срце? Дали на германските Евреи им е дозволено да го споделуваат наследството на Фредерик Барбароса, или италијанските Евреи наследството на Јулиј Цезар? Ако дозволиме Грција да наметне расна хомогенизација античката историја, што ќе остане од западните вредности?

Потсетувам на два мои текста на темава, погодни за препраќање до пријатели од странство:

12 March 2008

Веб-нарцисоидност

Во врска со (себе)фалењето на Вечер, дека биле „најчитан македонски медиум на интернет“, интересно е зошто во написот не објавиле и слики од графиконите со споредба за рангот на Алекса
кои исто така се медиуми, како што укажува и Дарко на Комуникации. Важно е и што на веб-сајтот на Вечер нема поставено јавен бројач, за разлика од A1, Вест или Иди види, меѓу другите.

Секако, најважно е што Алекса не е репер, оти примерокот врз којшто ги базира своите проценки не е репрезентативен. Всушност, тие немаат објавено ни информации за примерокот, а ако не може да се процени валидност, тогаш ни тврдењето нема тежина. Арно ама, за оние што сакаат да си ги мерат, Алекса е сепак важен, оти е еден од ретките такви мерачи. Плус, неговите податоци ги користат и трети страни за правење разноразни листи - чии резултати може да послужат за индивидуална промоција на сајтови или на целиот македонски веб. Веројатно од Македонија го користат многу малку луѓе, што отвора можност за промоција преку него:
  • ако некој портал или попосетен сајт поттикне барем дел своите посетители да го инсталираат тулбарот на Алекса, веројатно неговиот ранг ќе рипне поприлично.

Бесполезни петиции и активизам од фотелја

Деновиве добивам некои повици за потпишување петиција во која наводно треба да се стигне до 200.000 потписи, а моментално има скоро 38.000. Никој од тие што ми препраќаа досега не можеше да ми одговори што ќе се случи ако се постигне целната бројка. Некои и се налутија што ги прашав. Следи релевантен извадок за активизмот од фотелја (armchair activism) од мојот напис „Станете махер/ка за е-пошта“:
Таканаречениот активизам од фотелја се базира на учество во кампањи преку препраќање на петиции по е-пошта или потпишување петиции на веб-сајтови. Со оглед на тоа што не бара многу напор, оваа практика е добра за луѓето кои сакаат да имаат добро мислење за себе, но се мрзливи и кога би требало да направат нешто повеќе за каузата, всушност и не би го направиле. Таквите „активисти“ веројатно не би отишле да потпишат петиција на плоштад или да демонстрираат во врска со некое важно прашање.

Во најголем број случаи, петициите по интернет се неефективни оти не даваат јасна слика за бројот на потписници. Методите кои би овозможиле точно следење на потписниците истовремено би ја загрозиле нивната приватност, па нема смисла да се применат. Затоа петициите преку интернет се еквивалент на петиции на кои сите потписи изгледаат како да се со ист ракопис – било кој може да додаде колку сака имиња на нив. Ниеден сериозен политичар не би ги зел предвид како глас на народот.

Особено бесполезни се повиците за петиција кои немаат краен рок. Така, една порака за спас на амазонската џунгла може да се врти по интернет со години откако бразилските парламентарци (за кои ѓоа била наменета петицијата) ја донеле клучната одлука – за која никому од тие што потпишуваат препраќаат всушност и не му е гајле, оти да му е гајле би бил во тек со состојбата на теренот.

08 March 2008

Скромен предлог за коментарите на Блогерај

Нешто што би овозможило поголема контрола врз сопствените мислења е коментарите да се ставаат како постови на сопствениот блог. Блогмастерот и управата може да го олеснат ова со техничко решение, така што во модулот за оставање коментари по пост би поставиле можност (опции со радио-копчиња)
  • коментарот да се појави како надоврзување на постот на туѓиот блог, како и досега
  • коментарот автоматски да се постави како нов пост во блогот на коментаторот, со линк до постот кој се коментира.
Ако функционира трекбекот, тогаш и авторот и читателите на оригиналниот пост ќе може лесно да видат дека има коментари за него на други блогови.

Придобивки за блогерите
  • намалена цензура - никој не може да избрише коментар поставен во пост на туѓ блог
  • поголема видливост на насловната страница - линковите до нови постови се повидливи од линковите до нови коментари кои се во рамки на постови
  • помалку тролување (тролинг, тролство?)
Придобивки за Блогерај и Он.нет
  • поголема продукција на постови = повеќе индивидуални веб-страници со поразлични содржини ќе доведе до поголемо привлекување на машини за пребарување, а со тоа и повеќе и поразлични посетители
  • повеќе страници со повеќе линкови до насловните страници, поголем ранг на Гугл

07 March 2008

Е-книги: Драги Михајловски со три нови дела на Интернет

Оваа недела, на порталот за авторски дела објавени под Криејтив комонс, во електронска форма станаа достапни македонските преводи на уште две драми од Вилијам Шекспир,

како и збирката „Раскази од шести кат“ од преведувачот и писател Драги Михајловски.

За него, Алекс Букарски вели:

Откако, неодамна Петре си замина, тој според моите вкусови е несомнено најдобриот раскажувач во македонската современа литература.

06 March 2008

Jавен простор на Зоран Попоски

Препорачувам посета на новата изложба на Зоран Попоски во Точка. Делата се направени во рамки на проектот Јавен простор и интересно е да се видат паралелно и во дигитална форма на веб-сајтот, заради споредба на впечатоците.

03 March 2008

Операција Арка

Марти Мистерија Операција аркаАко сте читале Марти Мистерија на времето, особено третата епизода „Операција Арка“ (кога ја посетуваат планината Арарат, сосе Ерменците и Курдите) веста за новата банка на семиња во норвешкиот Арктик ќе ви изгледа познато.

Ако ги следите работите во врска со климатските промени, ваквиот развој на настани би ви бил и очекуван, во комбинација со учеството и на ООН и ЕУ. Учествуваат и некои од најразвиените земји на светот - но своја „заштеда“ даваат и земјите во развој. А овој типов е апсолутен цар:

Џими Олсен, работникот кој работеше на изградбата на магацинот за семе, седеше надвор пред објектот со автоматско оружје обесено на рамото. „Моја работа е да ги отстранам луѓето кои не треба да бидат тука и да го заштитам од поларни мечки“, рече тој. Се проценува дека на архипелагот има 3.000 поларни мечки.

За домашна: Дали и како Македонија е вклучена во проектов? Како се чуваат нашите семиња?

01 March 2008

Ладен туш за жртвите на празноверие

Дарен БраунАко знаете англиски, погледнете неколку филмови на тема како се лажат луѓето од оние кои проповедаат дека може да им ја „прочитаат“ иднината или да им го „погодат“ карактерот...

Еден од елементите на баењата кој ретко се зема предвид е дека гатачите работат на зголемување на стравот и паранојата кај нивните жртви, со што им го прават животот помизерен („многумина ти завидуваат“). Сличен ефект имаат и промоторите на теории на заговор. Колку е човек поуплашен и понедоверлив општо кон луѓето, толку е поприврзан кон профитерите под чие директно влијание има потпатнато.

Особено кога користат реални несреќи како потврда за „јасновидството“. Гатачот ликува дека демек испаднал во право, наместо да покаже сочуство со загинатите.
Дали мора и да се спомене дека за нешто да биде прифатено како научно точно треба да се направи споредба со прилично голем примерок на настани, а не преку истакнување на изолирани случаи?