Блекаут

31 December 2009

Кои НВО добија пари од Буџетот на РМ за 2009

За постов е закачена одлуката на Владата на РМ (ПДФ) со која се врши распределба на 11.870.000 денари од планираните средства во Буџетот на Република Македонија за 2009 година, раздел 040.01-Влада на Република Македонија, Потпрограма 10-Администрација, ставка 463-Трансфер до невладини организации, наменети за финансирање на програмските активности на здруженијата на граѓани и фондации.

Да ви се најде ако ве интересира, оти ваквите податоци сеуште ги нема ниту на официјалниот веб-сајт на Владата на РМ (неажуриран од летоска), ниту на посвежиот сајт од Секретаријатот за европски прашања.

ФајлТежина
ODLUKA_ZA_RASPREDELBA_NA_SREDSTVA_OD_BUXETOT_NA_RM_ZA_2009.pdf222.98 KB

28 December 2009

Како се поставува копче од Пинг во темплејт од Блогер

Ова упатство се заснова на постот од Антонио Лупети за поставување копче од Диг во Блогер (анг).

Отворете го темплејтот во Блогер (Layout/Edit HTML) и одберете ја опцијата Expand Widget Templates, потоа во кодот најдете ја следната линија:
...<data:post.body/>...
Потоа додадете го кодот за копче пред линијата во која е <data:post.body/>, на пример вака:
<!-- Ping.mk -->
<div style='float:right; margin-left:10px;'>

<script type='text/javascript'>reddit_title='<data:post.title/>'</script>

<script type='text/javascript'>reddit_url='<data:post.url/>'</script>

<script src='http://r.ping.mk/button.js?t=2' type='text/javascript'>
</script>
</div>
<!-- /Ping.mk -->

<data:post.body/>

Кодот може да го менувате според вашите потреби, а копчињата може да ги прилагодите и на шемата на бои од блогот.

Пинг нуди и виџети кои може да ги додадете во блогролот.
.

8 дена кулук за буричкање по ѓубре

Пред некој ден го чув следното: имало сообраќајка во една уличка во Карпош и се собрале луѓе и полиција. Во близина имало ѓубре и дошол некој сиромашен човек со точак да рециклира нешто од него. Еден од полицајците веднаш му пришол и му понудил или да плати 50 евра казна или да оди на 8 дена принудна работа.

Е сега, не ми е јасно како со овие опции државата ги решава проблемите на најсиромашните, кои се принудени да копаат по ѓубре. Кај немаат за јадење, уште треба да трошат денови што би ги искористиле да заработат барем нешто на кулучење.

24 November 2009

Тамифлу во Македонија е поскап од Бугарија и Хрватска

Поттикнат од веста дека во македонските аптеки лекот тамифлу чини 1990 денари, се распрашав колку е во Хрватска и во Бугарија, за споредба. Тамошни пријатели заокружено ми рекоа дека е 206 куни, односно 38 лева.

Значи без да навлегуваме во неговата ефикасност и оспореност, додека во

  • Македонија леков се продава за 34 евра,
  • во Хрватска цената е 29 евра,
  • а во Бугарија чини 20 евра.

скоро 5, односно 14 евра поефтино.

Недајбоже еден човек во дадена средина да се разболи, па да треба превентивно да се купува за цело семејство или што знам, работна организација - за луѓето што биле во контакт со него. За секое такво купување оди маржа (= чист профит) за 5 евра поголема од малопродажната цена во држава што има двојно поголем бруто домашен производ по глава на жител.

За соседната членка на ЕУ испаѓа ич муабет да не праиме, тие имаат 14 евра поефтин лек, а сепак многу поголем БДП по глава на жител од нас. Дефинитивно непропорционално.

(Според ЦИА, GDP per capita за Хрватска е $18.400, за Бугарија е $12.900 а за Македонија $9.100)

Па не е фер! И греота е.

16 November 2009

Интернетот како македонско море

Следните изјави од двајца македонски политичари од нaчелно спротивставени опции укажуваат на потенцијал за постигнување нацеионален консензус околу едно прашање.

Претседателот Ѓорѓе Иванов
(2009):
„Денес морето не е вода, туку интернет и авиопревоз. Некој се обидувал Македонија да ја држи како Спарта, долги години тука имаше најскап интернет и најскап авиопревоз. Можноста Македонија да се развие, да има богати луѓе е само да има евтин интернет и евтин авиопревоз.“
Пратеникот Јани Макрадули (2006) преку запис на Волан:
„Интернетот ни е потребен како едно море; токму заради тоа што Македонија нема излез на море, мислиме дека Интернетот за нас претставува море и отворена можност за многу промени во економијата како и за нов економски развој во нашата земја.“
Освен за пристапувањето кон ЕУ и НАТО, едно од ретките прашање за кое и позицијата и опозицијата во Македонија имаат искажано недвосмислена декларативна поддршка е развојот на информатичко општество. Пример за ова е донесувањето на Националната стратегија за развој на информатичко општество (2005) чија изработка опфаќаше вклучување на сите заинтересирани страни и на сите нивоа.

Корисен текст за споредба: Bruce Sterling – Nets and Jets (Wired, 2008).

Инаку, срамота е што Скопје нема обезбедено јавен превоз до и од аеродромот, од причина рекет за таксисти. Кога тоа и го кажав на колешка од Романија, се зачуди што сеуште сме на тоа ниво на корупција, оти градот со пуштање на неколку автобуси да кружат може многу да заработи.

А од страна на корисниците, нели звучи бедно што патниците се приморани да плаќаат по 15-20 евра за такси во еден правец („официјална“ цена, без пријатели, зависи како ќе те пресечат ако те начекаат на излегување), во споредба со Берлин каде што цената на превоз од аеродром до центар е 2,1 евро, или макар со Барселона каде што чини 8 евра. Во Берлин автобуси до аеродромот Тегел се дел од редовна градска линија и одат буквално на секои 10 минути.


PS
Спарта не била баш изолирана, иако Атина била пофокусирана на инвестирање во поморството и имала најсилна флота. Спарта имала најсилна пешадија, но имала и флота и сојузници со флоти и на крај и победила во Пелопонеската војна.

07 November 2009

Лавот наспроти орелот (на грбовите на Европа и околина)

Како прилог во децениската расправа во врска со грбот на Македонија, еве една мала графичка анализа за европските искуства. На мапава со разни бои ги обележав државите што имаат разно-разни животни на грбовите, со посебен осврт на лавови и орли во разни облици.

Кликнете на сликата за поголема и попрецизна верзија.

Како извор ја користев Википедија, и тоа написите:
Интересна тема за истражување е и кои се животни и предмети се присутни на грбовите низ целиот свет (на пример ниедна држава нема ној, ама две имаат калашников), но за тоа во друга пригода. Или, некој друг.

Забелешка: По забелешки на читателите во групата „лав И орел“ ги додадов и Црна Гора и Романија, на чив грб има и други животни.

03 November 2009

Нова авантура на Општина Бутел на интернет

Веројатно веќе знаете дека МАРНет го има затворено веб-сајтот opstinabutel.gov.mk како дел од акцијата за потсетување на тие што не платиле претплата. Изгледа дека Општина Бутел од претходно се откажале од МК домен, туку уште во март решиле да се изградат нов сајт со странски домен резервиран за комерцијални компании (opstinabutel.com).


Покрај дизајнот од рана 1996, сосе застарени кирилични фонтови и гифчиња и триста тракатанци, она што им упадна в очи на читатели на блогов е англиската верзија на сајтот на Бутел. Добронамерно се обиделе да им пишат со цел да им понудат помош, ама пораката по е-пошта им се вратила поради преполнета квота. Цитат:
Dear co-citizens and others why viewed this pages,

I�m honor do you presents Web pages of Municipality of Butel. This is one of ten municipality of City Skopje, capital of Republic of Macedonia. Municipality have 36 514 habitants, majority of peoples is Macedonian and have most ethnics minority (Albanian, Turks, Serbs, Montenegrins, Boshnjaks, Rom, Valhi and others).

This Web pages I presents first time and their bee my satisfaction of first mayor of Municipality. March 16, 2005.

My primary principal is excellent Municipality and good satisfaction of people.

Information below and next of pages presents my Municipality and peoples, history, industry, tourisms, projects, infrastructure, urbanism and communal services, statistics, financial report of municipality and many more�

Its Time to test of cites, coming very soon� please bee patients.

Yours truly,
Mayor, Petre Latinovski

Иако постои можност дека се работи за кражба на идентитетот на општината, односно лажно претставување и дека тој сајт го има објавено некое неовластено лице, во податоците за регистрирање како официјален сопственик фигурира токму општината.

02 November 2009

Сакам пастрмка на новиот грб

Предлог за нов грб на Република Македонија Тукушто се зачленив во нова група на Фејсбук „Сакам пастрмка на новиот грб“ оти ме освои нејзината обединувачка порака што гарантира уште мноогу победи за Македонија:

Охридската пастрмка е редок вид на риба, која го прави Охридското езеро уникатно, а со тоа и Република Македонија.
Неа ја посакуваат сите граѓани на Македонија, независно на полот, возраста и етничката припадност.
Се бориме за нејзина заштита, а сега ќе се бориме да ја има и на државниот грб на Република Македонија.

Ако користите Фејсбук, придружете се. Особено ако ви е гајле за пастрмката.

19 October 2009

Моќта на медиумите преку Душко Долгоушко

Душко Долгоушко како медиумВо цртаниот филм од 1948 година „Зајачки удар“ (Rabbit Punch) некаде по 3:20 минута има една многу интересна ситуација.

Душко Долгоушко боксира со Шампионот и во еден момент го зема микрофонот од најавувачот и „известува“ за работи кои не се случуваат. Шампионот го слуша тоа и почнува да реагира според она што го дознава од медиумот, а не според реалната состојба. Навистина бесценето!


16 October 2009

ЕУ: Политика за информатичко општество во наредните години

Во рамките на сеопштата радост за позитивна препорака за преговори, да видиме кои се приоритетите што си ги имаат поставено постојните членки на ЕУ и заедницата како целина.

Изложени се директно од Европскиот комесар за информатичко општество и медиуми, Вивиен Рединг.

Ако мислите дека темава е важна, помогнете со промоција преку Кајмакот.

15 October 2009

Хаклаб во Скопје

НВО Слободен софтвер Македонија во сабота отвора еден многу интересен простор во Скопје: Хаклаб наречен КИКА. Повелете, сите сме поканети!

Миша Поповиќ споделува дополнителни информации во неговиот пост „За хакерцките работи“.

13 October 2009

За енциклопедиските работи

Во овој пост се раскажува за дигиталната достапност, првиот впечаток за обемот и содржината на Македонската енциклопедија на МАНУ, популарно наречена манупедија, како и за односот на државите кон угледните енциклопедии на светско ниво.

Дигитална достапност

Прво, благодарност до читателите на блогов кои во коментари на верзијата на Блогспот доставија неколку адреси од кои може да се симне енциклопедијата на МАНУ, меѓу кои и еден торент. Се работи за фајл со големина од 1,6 ГБ, очигледно направен од фајлот со графичка обработка за печатење кој содржи слики со голема резолуција. Постои и верзија спремена од е-Варез.ком.мк во која сликите се компресирани за приказ само на екран па е далеку помала 68 МБ, а на рапидшер има и друга со слична големина.

Со оглед на тоа што електронската верзија со денови беше достапна преку локалните улични шиткачи по цена од 100 денари, тоа што МАНУ не ја објави фактички испаѓа дека го поттикнаа одлевањето на дополнителни средства на граѓаните во џебовите на пиратите. Башка што--во духот на постмодернизмот--не можеме да бидеме сигурни дали содржината добиена од неофицијален извор е вистинската или некој во меѓувреме нешто чепнал, додал или одзел од оригиналот...

Појавувањето на интернет овозможува укинување на монополот на знаење кој го искористуваа и пиратите на ситно, ама и разните други фактори како политичари и медиуми кои се јавуваа во улога на интерпретатори на содржината недостапна до припадниците на обичниот народ меѓу кои и авторот на блогов.

Обем

Во прилог се фотографии кои ги снимив пред некоја недела во библиотеката на Универзитетот во Барселона, каде што учествував на работилница од европската мрежа Комунија. Упаднав баш во делот за енциклопедии и сликав некои од нив. Алал да им е, ама ми падна жал што провинции како Мурција или Валенсија, кои зафаќаат само по неколку проценти од територијата на Шпанија со децении пред Македонија имаат пообемни енциклопедии од нашава, која претендира дека не ја покрива само нашата држава, туку целиот поширок географски регион...

Содржини

Како што посочи и Жарко, греота е етничките Македонци Низинци кон своите соседи и сограѓани од други етнички заедници да се однесуваат навредливо, особено ако се христијани и треба да го почитуваат Св. евангелие според Лука (6.31) „Па, како што сакате да постапуваат луѓето со вас, така постапувајте и вие со нив!“ Зошто да не им дадеме пример на сите јужнососедски „душмани“ дека како Македонци Котлинци сме етички над нив: зар не успеале така и првобитните христијани да се издигнат од минорна еврејска секта до светска религија?

При прелистувањето на книжуриниве ми падна в очи недостатокот на географски поими (освен за поголемите градови), област во која има многу повеќе на македонската Википедија за која не е дадена ни трошка од наводните 300.000 евра народни пари, како и тоа што мапите не се стандардизирани, а некои мапи очигледно се симнати од интернет и вметнати непреведени.


Беглиот преглед ми ги потврди и тврдењата за полтронско истакнување на современи личности со сеуште недокажана историска важност, за чии детални работни биографии е отстапен повеќе простор од одредницата за Питу Гули. Некои написи во најмала рака се чудни, на пример еден за пловидбата во РМ во кој наместо за фактичката состојба, поголем дел му е отстапен на замислен проект со кој требало да се поврзе Дунав со Егејско море.

Исто така нејасен е критериумот за избор на други личности, при што има многу лица поврзани со УКИМ, а многу важни личности ги нема (иако има некоја турбофолк пејачка). Особено ме погоди што е испуштен Ѓорѓи Колозов. По тој повод ја пренесувам изјавата од ќерка му на страницата на Фејсбук од пред три дена:
...задутре се навршуваат 6 години од неговата смрт. само на оваа страница, во мигов, колозов има речиси 25 000 фанови. сепак, приредувачите на фамозната енциклопедија не нашле место да го спомнат. иако ќе најдете таму куп анонимни глумци, чии имиња никогаш не сте ги слушнале. па ни јас. ако една енциклопедија е одраз на колективното паметење на нацијата, овој обид од енциклопедија сигурно не е тоа.
Гордон Браун не ја промовирал Британика!

И една работа која отсуствува во јавниот дискурс (муабетите) околу енциклопедијава: освен во пост-тоталитарни балкански држави, пракса во светот е дека енциклопедии не објавуваат јавни институции со државни пари, туку ги прават приватни издавачи и се изборуваат за свое место на пазарот со квалитет, а не со декрет. Ако може да наброите некои енциклопедии со светски углед, ќе увидите дека се работи за приватни, а не национални изданија:
Од сите овие, само за италијанската најдов податок за мешање на државата во неа, демек написот за фашизам го пишувал Мусолини лично или некој негов близок. Башка што првобитната Енциклопедија на просветителските енциклопедисти Дидро и компанија била во суштина анти-естаблишментско дело против апсолутизмот кое се стреми кон објективност, не кон поддршка на култови на личноста на властодршците.

09 October 2009

Каде е електронската верзија на енциклопедијата на МАНУ?

По народов кружи муабет дека „процурила“ електронска верзија (ПДФ) на енциклопедијата на МАНУ, па дури и дека може да се купи од пирати на „бувљак“. Во еден пост бугарската пропагандистка Еми пренесе изјава од Љубчо Георгиевски дека ја нашол, а на Фејсбук прочитав и дека наводно Мируше Хоџа споменала нешто на Алфа ТВ во емисијата „Вин-вин“.

Токму заради сомнежите во нејзиниот слаб квалитет исклучително е важно енциклопедијата да се даде на увид на јавноста, а во електронска форма е најефтино и најефикасно. Би било нефер само политичката врхушка во земјава да има пристап до нешто што е платено со парите на сите граѓани. Ако веќе има некои грешки во книгата, тие полесно ќе се пронајдат и исправат ако сите граѓани имаат можност да ја разгледаат, а особено стручните лица од соодветните области.

Ако имате некое дополнително сознание или линк, споделете ги во коментар или пост на вашиот блог.

07 October 2009

Светот во иднина

За добро утро, еден аналитички пристап на иднината на извесни делови од светот од Параг Кана (на англиски)

еден емоционален од романската група Тодомондо (на разни јазици)

и една вест за Дрогба и Тито (пак на англиски, via Woona).

05 October 2009

Исламофобијата наспроти реалноста

Пред некој ден Фајненш’л тајмс објави многу интересен напис за животот и интегрирањето на муслиманите во Франција (Immigrant Muslims in Belleville). На оние што знаат англиски би им препорачал да го прочитаат, а се надевам дека наскоро ќе го пренесе некој од весниците што објавува избор од странскиот печат или Окно, каде често има преводи на странски написи.

Во написот се презентирани факти и согледувања со кои директно се оспоруваат теории на заговор како онаа за Еурабија, кои во локални верско-етнички варијанти се присутни и кај нас, заедно со евроскептицизмот. Особено поучни се деловите за демографијата, на пример:

Париските демографи Јусуф Курбаж и Емануел Тод во нивната книга Рандеву на цивилизациите (Le Rendez-vous des Civilisations, 2007) покажуваат дека откако повеќето мажи во една земја се описменат, со време и мнозинството од жените се описменуваат, а тогаш драстично опаѓа стапката на раѓање. Оваа демографска транзиција веќе се има случено во сите муслимански земји. Според последните податоци Алжирките што живеат во Франција во просек имале по 2,57 деца, што е само малку повисоко од францускиот просек [кој е ептен близок до точно 2]. Исто така, стапката на раѓање кај жените од Северна Африка што живеат во Франција опаѓа уште од 1981 година.

Пред неколку години имав прилика лично да ја прашам тогашната директорка на нашиот Државен завод за статистика дали прават споредби на податоците за слични прашања кои се основа на разни предрасуди кај нас. Добив одговор дека тоа не го прават, но дека и до тогаш не им текнало да пробаат. А јас пак сеуште сметам дека само со релевантни и точни статистички податоци воопшто вреди да се прави муабет на тие теми...

Во некои земји (од ЕУ) не само што се прават детални анализи од самата држава, туку и самите основни податоци од пописите се достапни бесплатно за сите, за да можат да се користат за научни и други цели по желба или потреба на сите граѓани. Видете само какви најразлични вкрстувања може да се прави на европско ниво со статистиките на Еуростат.

PS
Името на гореспоменатата книга е одговор на Судирот на цивилизациите и преуредувањето на Светскиот поредок (The Clash of Civilizations and the Remaking of World Order , 1996) од Семјуел Хантингтон.

30 September 2009

Најдобрата македонска реклама - Бимилк со девојчето

Рекламата за Битолско млеко во кое едно мало девојче радосно шетка по полето веќе неколку месеци е најомилена визуелна содржина за син ми, кој има 15 месеци. Рекламата ми се допаѓа и мене, оти мисламдека дека изработка на ликот е одлична и изведбата на анимацијата во 3Д е солидна, во најдобра традиција на Дизниевата „Снежана и седумте џуџиња“ (делот со птичките кога му помагаат на детето).



Рекламата ја има правено студиото Визио и на нивниот сајт има фајл со портфолио и од други нивни анимации. Ми се чини дека има потенцијал за цела анимирана серија околу малото млекарче, можеби со комбинирање на мотиви од народните приказни.

За жал, веројатно овој потонецијал тешко дека ќе се исполни, оти последниве недели на ТВ забележувам нови реклами со истиот лик, наизглед правени од друга фирма, со не толку успешна анимација во 2Д во стилот на Караѓоз.

28 September 2009

Енциклопедијата на МАНУ е плагијат на Википедија?!

(Забележете дека во овој пост воопшто не навлегувам во точноста на информациите изнесени во енциклопедијата на МАНУ оти таа и за мене е непрочитана книга.)

Дневник во саботата објави нешто сензационално: за некои од текстовите во контроверзната „Македонската енциклопедија“ објавена од МАНУ биле користени материјали од Википедија, без да се наведе изворот (мои италици).

Слободната енциклопедија „Википедија“, која може да ја испишува секој, била главен извор за спорните наводи во Македонската енциклопедија дека американските и британските офицери обучувале припадници на ОНА. Татјана Петрушевска, професорка по меѓународно јавно право и право на ЕУ на скопскиот Правен факултет, за „Дневник“ истакнува дека целта и' била да се даде ново видување за улогата на западните сили во конфликтот во 2001 година.

Потешки квалификации

- Наводот што предизвика најголеми бранувања е буквален цитат преземен од Википедија, кој на сајтот за ОНА стои со години и нема никакви интервенции во него. Дури ни во поглед на многу потешките квалификативи за ОНА како „терористичка, востаничка и герилска организација“. Намерата ми беше став, кој не е на линијата на западниот мејнстрим за улогата на западните сили во конфликтот од 2001, да биде внесен во изворно дело, кое понатаму во други, туѓи цитирања би било наведувано како извор. Зарем тоа не би требала, уште посилно, не би морала, да биде една од главните функции на првата Македонска енциклопедија - објаснува Петрушевска.

Таа истакнува дека сајтот не е цитиран во посочената литература од која е црпена содржината на спорната енциклопедиска одредница, но како извори се посочени текстови од дневниот печат. Тоа, истакнува, Петрушевска, не е недозволено во научни трудови, и се' зависи од фактот „која е посакуваната цел“. Освен неа, авторот на спорната одредница за ОНА е и нејзиниот колега, професорот по уставно право Светомир Шкариќ.

Во написот во весникот немаше линк, а јас го додадов до англиската верзија оти на македонската верзија не најдов таков напис. Делот што го истакнав со италик укажува дека не само што се прекршени условите на лиценцата под која се објавени содржините на Википедија (Криејтив комонс наведи извор сподели под исти услови 3.0), туку и праксата за пишување научни дела надвор од Македонија, каде што секој извор треба да се наведе како дел од редовната постапка. Во „белиот свет“, Википедија се прифаќа како корисна алатка за пребарување, но никако како авторитетен извор поради нејзината природа. Во најдобар случај се користи како место каде што може да се најдат линкови до референтни извори.

Еве и една корисна дефиниција од Википедија:

Plagiarism, as defined in the 1995 Random House Compact Unabridged Dictionary, is the "use or close imitation of the language and thoughts of another author and the representation of them as one's own original work."

Плагијат, според дефиницијата од (речникот) Рандом Хаус компакт анабриџд дикшнари од 1995 е „користење или блиска имитација на јазикот и мислите на друг автор и нивно претставување како свое оригинално дело.“

За прекршувањето на лиценцата Википедија може да ја тужи МАНУ. Ако не знаете англиски, може да ви се најде локализираната верзија на претходната верзија на лиценцата, односно договорот за неекслузивно пренесување на авторските права: Наведи извор-Сподели под исти услови верзија 2.5 Македонија.

Инаку, низ медиумското покривање за енциклопедијата на МАНУ се провлекува уште една интересна неточност - тоа не е прва македонска енциклопедија. Многу години пред неа МИ-АН и Семос, а мислам уште некои издавачи, имаа објавено енциклопедии за Македонија.

Исто така, не видов ни информации дали оваа енциклопедија било кога ќе биде објавена на интернет, оти за подготовката на содржините веќе имаме платено и заслужуваме да бидат бесплатно достапни во дигитална форма (без скоро никакви додатни трошоци, кои зависат од печатењето). Најавена е баснословна цена од 8000 денари по примерок. Како што коментира Зоран Андоновски од Нова Македонија:

Ако Енциклопедијата е правена со државни пари, таа треба да биде достапна на Интернет за да не се плаќа два пати за нешто за што ние граѓаните веќе сме дале пари. Она што е направено - финансирано од државата нема авторско право, а со нејзиното ставање на Интернет малку ќе се ублажи огромниот недостиг од електронски содржини на македонски.

Кој поединец или заедница ќе ја купи за да ја прелистува? И зошто таков и толкав том? Да не зборуваме дека корекциите на едно интернет-издание е многу поедноставно да се направат. Нели ќе беше нормално сето тоа да го ставеа и на цедеа или на дивидија?

Сигурно тој што мисли да ја користи Енциклопедијата има компјутер, а тој што нема компјутер сигурно нема да има пари за да ја купи. И што е всушност идејата зад едно вакво издание, да фаќа прав или да се користи и да биде секому достапна, што во ваква квазирепрезентативна форма не е можно.

Башка што дури и ако другите написи во енциклопедијата на МАНУ да се само преводи на англиската Википедија, ако се достапни ќе може да послужат за многу потребното надополнување на посиромашната Википедија на македонски, која википедијанците ја градат практично без реална поддршка на академскиот естаблишмент.

27 September 2009

Поразот на Србија од хомофобни хулигани

Популарната блогерка Ирена Цветковиќ во новата колумна „Непрочитана книга“ ја објаснува понижувачката капитулација на државата Србија пред група насилници.

Толерантноста на различноста, социјалното вклучување и видливоста останаа да бидат за ова општество непрочитани книги и непознати четива. Правата и слободите на припадниците на маргинализираните групи како и принципите на еднаквост пропаднаа како тема од нашиот јавен дискурс. Сега засега во ова тажно општество единствено е важно кој прв го населил Балканот. Додека тоа не се реши, може слободно да поцркаме.

За разлика од македонските медиуми незаинтересирани да обработуваат вакви теми, по повод овој настан пост има објавено и Ненад Јовановиќ. А и текстот на Канализација за одредот „Баба“ е во контекст.

Пригодно видео: спот со парада.

Alanis Morissette Hand In My Pocket

Замислете како група „загрижени граѓани недостапни за полицијата“ поттикнати од „традиционалните вредности“ упаѓаат во спотов со цел да ги истепаат сите. Такво нешто е можно само во силеџиски држави.

26 September 2009

Сведоштвотот на Александро од „Осуммината“

Пред неколку дена со големо интересирање го прочитав постот на Александро „Осуммината - дваесет години потоа...“ и поради неговата содржина, ама и како документ - примарен историски извор. Ме радува што блогот како медиум и во Македонија станува средство за пренесување директни историски сведоштва од важни настани, од прва рака.

Исто така, многу ми е интересно, но и загрижувачки што за блиското минато имаме многу малку јавно достапна документација. Без разлика каде се досиејата, барем повеќето од директните учесници се сеуште живи. Дали некој ги интервјуира? Дали пишуваат мемоари? Што ќе остане по нашава генерација?

Си приспомнувам на еден исклучително важен пост на блогот Маседониан тенденси од 2006, во кој беше укажано дека ако Васил Тупурковски, како член на последното претседателство на СФРЈ, во деведесеттите напишеше книга на англиски за распадот на Југославија, цел свет ќе го читаше. Ем ќе имаше огромно влијание оти странците навистина се обидуваа да сватат што се случило и дури по десетина години нивни автори почнаа да нудат објасненија... Ем ќе ја промовираше земјава во клучен момент.

Наместо тоа, тој се беше решил да раскажува за античка Македонија... За домашен пазар. Немам чуено ниеден од денешниве „антиквизатори“ ниту да ги спомене тие книги.

24 September 2009

Куманово: Најава за предавање за електронските уметности - денес


Денес во 20:00 часот во 20.00 часот, во НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“, Куманово, познатиот критичар на уметноста и куратор Мелентие Пандиловски ќе се одржи предавање за електронските уметности.

Цел на предавањето е запознавање со современите тенденции во визуелните уметности е замислен како предавање на кое со примери од светските и македонски искуства од оваа област ќе се презентираат најновите согледувања и анализи.

Мелентие Пандиловски работи во Македонија и Австралија. Директор е на Центарот за визуелни и културни истражувања на Институтот Евро-Балкан од Скопје, а бил директор на Експериментал арт фоундејшн од Аделаида (2003-2009) и Центарот за современа уметност Скопје (1999-2003).

Повеќе информации на Калчр.ин.мк и Фејсбук.

За следната година, во Македонија се подготвува SEAFair 2010 со наслов Апаратот на животот и смртта, за био-политиката, био-философијата и био-уметноста.

22 September 2009

Новокомпонирање на празникот Вера, Надеж и Љубов

На Фејсбук има група со која се тврди дека празникот „Вера, Надеж и Љубов“ што се слави на 30 септември треба да се слави и како Ден на вљубените, демек како македонски пандан на Св. Валентин од 14 февруари.

Православниот празник „Вера, Надеж и Љубов“ нема врска со вљубените, туку со љубовта како милост, дарежливост - како човекољубие. Оригиналното име на Љубов во Новиот завет (кој бил напишан на грчки) е Агапи, што има многу пошироко значење од она што оваа група сака да му го припише. Девојчињата биле крстени според трите доблести на кои укажал Св. Павле во Првото поослание до Коринтјаните (13).

Бидејќи ја знам приказната за маченицата Св. Софија и нејзините ќерки (St. Sophia) оваа иницијатива ја гледам како патетичен обид помодарски да се истакне дека ние не сме биле „покусо“ од „Запад“. Исто како самобендисаниот шовинизам на српските националисти од филмот „Лепа села, лепо горе“: „Док су они јели рукама, ми цап - виљушком“.

Новокомпонираното поврзување на љубовта од православниот мит со романтичната љубов и модата од XIX век за нејзино изразување преку комерцијални картички е навреда за светите маченици, кои биле мали девојчиња, девици и не помислувале на никакви љубовници. Срамота!

20 September 2009

Сексуално образование неместо конзервативно лицемерие

Македонија е сексуално заостаната земја. Ако е утеха, истото може да се каже и за САД. Медиумскиот сензационализам околу насоките на УНЕСКО (ПДФ) за воведување на образование за сексуалност е само уште еден показател дека сексуално образование треба да се воведе час поскоро. И тоа не само за средношколците, основците и децата од градинка туку и за новинарите, политичарите, а богами, и за некои професорки по педагогија.

...вели Жарко Трајаноски во неговата колумна „Медиумско самозадоволување“, чија содржина може да се поврзе и со претходни муабети сексуалното образование и оргазмот. Во видеото од ТЕД во претходниот линк се искажуваат сознанија дека дури и неродени бебиња мастурбираат. Природно си е природно.


Музичка илустрација „Стејсиз мам“ од Фаунтанс оф Вејн.

19 September 2009

Затворена „отвореност“

Пред некој ден дознав дека колегите блогери Кими, Букарски и Карека (се извинувам што не знам португалски па може го утнав изговорот) на 18.09.2009. ќе гостувале во емисија наречена „Отворено со народот“ на Jавниот сервис МРТв.

Во нормални држави би било парадоксално што постовите во кој го најавуваат тоа кај првите двајца набрзо беа затворени за коментари, оти повеќето од коментарите што ги ѕирнав во едно магновение не содржеа ни навреди ни закани (иако некои не беа пофални).

Сопственик и водител на таа емисија е извесен Томиќ кој не го познавам лично, само имам чуено

Емисијата не ја гледав оти почна сувопарно и имав нешто друго да правам, па да прашам: дали има нејзина верзија на интернет?

(Можеби ако самите блогери ја објават снимката, оти Томиќ колку што гледам нема сајт, дури и фотката искористена во еден од постовите на неговите гости е од сајтот на неговата конкурентска телевизија А1).

Би било интересно да се дознае дали блогерите-гости, како наводни претставници на народот и потенцијален коректив на традиционалните медиуми, покренале некоја од погоре наведените контроверзни теми од висок јавен интерес, за која на народот е ускратен отчет. Особено што третиот блогер пред кусо време ја имал покренато темата „лицемерие и полтронство“.

Исто така, ме интересира дали покрај со претставници на самонаречената конзервативна опција, на Јавниот сервис ќе има и

  • емисија во која ќе настапат само блогери блиски до СДСМ,
  • други емисии за секоја од поголемите партии,
  • а особено емисија во која ќе настапат блогери кои не се блиски со ниедна партија и декларирана идеологија, а имаат што да кажат на општествени и политички теми. Еве како Фемгерила на пример, која е претставник на мнозинството од народот што не им верува на сите тековни истакнати политичари - ако судиме по излезноста на изборите.
Патем, да повторам дека ако не сакате да ви ги бришат коментарите, пишувајте си ги во пост на вашиот блог во кој ќе ставите линк до постот од туѓиот блог што го коментирате.

12 September 2009

Бесплатни стручни совети за заштита на приватноста

Како дел од меѓународното движење „Слобода наместо страв“ денес од 11 до 14 часот десетина невладини организации, Дирекцијата за заштита на лични податоци на РМ и Град Скопје организираат јавни консултации во Градски парк, кај споменикот на Гоце Делчев. Целта е на граѓаните да им се овозможи да добијат бесплатни правни и технички совети од стручни лица за нивните права според важечките закони, со цел да може да си ја заштитат приватноста на интернет.

Меѓу експертите кои ќе волонтираат се и луѓе од Дирекцијата кои директно работат на решавање на проблеми по пријави од граѓаните и фирмите, па ова е одлична прилика за добивање директни информации и упатства за целиот процес.

Повеќе информации:


Пренесете ја информацијава до вашите пријатели, особено ако планираат да се прошетаат денес. И повелете во парк! :-)

06 September 2009

Македонски сајтови со највисок Гугл-ранг

Линкот до список на македонски сајтови со највисок ранг на Гугл што се генерира автоматски го добив од Александар од Селотејп, во текот на разговор за форумизацијата на македонската блогосфера и важноста на меѓусебното линкување.

Може да ви се најде, нели?

04 September 2009

Најзначајниот настан на МК интернет во 2009.

Нели е интересно што ниту комерцијалните медиуми, ниту блогери го одбележуваат најзначајниот настан на македонскиот интернет годинава.

МАРНет има почнато акција за исклучување на домените што немаат платено претплата. Според неофицијални информации, околу такви 2000 веб-сајтови се недостапни веќе неколку дена.

Забележав дека има и такви што се обидуваат да спасат ситуација со известувања дека нивната содржина може да се најде преку ИП-адреса.

Мислам дека овој потег е позитивен, оти голем дел од исклучените веб-сајтови се заборавени или занемарени од нивните сопственици. Се надевам ќе добијат поттик да станат поажурни, не само во плаќање претплата, туку и во грижата за е-содржините.

Е да, проверете си дали ви работи сајтот. И платите МАРНет-у, МАРНет-ово.

marnet-zatvoren-domen.jpg

Ексклузивно! Ова првпат го прочитавте овде!

03 September 2009

Македонија вечна: Каде е спотот на Изи?

Дали некој знае од каде може да се симне квалитетна копија на спотот Македонија вечна од Игор Иванов Изи? Оној што добил награда на некој фестивал во Португалија.

За разлика од спотовите на Милчо Манчевски, овој го нема за симнување на официјалниот веб-сајт што се рекламира во самиот спот, ниту на сајтот на агенцијата Пристоп МК која била владин подизведувач за овој проект.

Му треба на еден другар со цел промоција на Македонија на некој собир пред странци, па симнување од Јутјуб не е задоволително.

30 August 2009

Утрински весник: „Гугл“ преведува и на македонски

Освен веќе најавените Сител и Нова Македонија, напис во врска со додавањето на македонски јазик на преведувачот на Гугл објави и Утрински весник.

Во него новинарката Миркица Поповиќ прилично сеопфатно ја покрива темата, а меѓу другите има изјава и од познатиот блогер Сеад Џигал.

27 August 2009

Блогери очекувале грчки напад врз Гугл?!

Во написот ’„Гугл“ почна да „преведува“ на македонски‘ објавен во денешна Нова Македонија се споменува и следното:

Во минатите години, „Гугл“ беше жестоко напаѓан од грчки блогери поради користењето на нашето уставно име. Американската компанија им попушти на Грците само еднаш, кога на електронските мапи „Гугл“ на мапата на Македонија во заграда додаде „ФИРОМ“ Македонските блогери очекуваат повторно реакции од грчките, подготвени се да го бранат македонскиот јазик, но не очекуваат дека „Гугл“ ќе ја смени својата одлука.

Дали знаете на кои блогови излегле вакви тврдења? Би било интересно да се линкуваат на Глобал војсис.

Инаку, истражувањето што се споменува во врска со познавањето на јазикот не е од лани, туку од 2004 година. Во изјавата дадена преку телефон јас препорачав не само страниците на Владата, туку и сите други содржини што се субвенционирани од неа (преводи на книги, културни и научни дела, истражувања) да бидат обврзно достапни бесплатно на интернет, покрај нивната основна форма на издавање - на пр. на хартија.

26 August 2009

Изјава за Сител (со видео) - Гугл транслејт

Како што веќе најавив на Твитер попладнето, денес во вестите на Сител беше емитуван прилог од Александар Чочевски за македонскиот јазик на Гугл транслејт.

Веста е достапна и во форма на видео клип на линкот погоре. Да ја дополнам со аргумент за корисноста на овој сервис: истражувањето на Метаморфозис од 2004 година покажа дека само 24% од населението од Македонија го користи англискиот на доволно високо ниво, така што ваквите сервиси ќе бидат од огромна полза за отворање пристап до разновидни e-содржини.

Верувам и дека и квалитетот на ваквите преводи ќе се подобрува, особено ако издавачите кои имаат разновидни преводи на располагање контактираат директно со Гугл и се договорат да ги стават на располагање. Секако, и индивидуалните корисници може да придонесат со укажување на грешките во преводот.

За брендови на Фејсбук: страница (пејџ), а не личен профил

Дарко Булдиоски објави многу корисен напис на темата ако промовирате бренд треба да користите пејџ (page) на Фејсбук, а не личен профил (personal profile). Тој нуди пет аргументи за предностите на овој пристап, од тоа дека така би требало да постапите според правилата, до можностите за следење статистики за посетеност. Би сакал да понудам неколку дополнителни видувања:

Не им отворајте простор на конкурентите или злонамерниците да ви го уништат трудот. Било кој друг корисник може да ве пријави на управата на Фејсбук за прекршување на условите за користење, па тие да ви го избришат профилот.

Таков беше случајот со отстранувањето на личниот профил на МВР.Лицето што го отворило не постапило според правилата и тоа што се случи беше неминовна последица.

Башка што ако самите „поткажувачи“ не се произнесат, таквите пријави ќе останат тајни - Фејсбук се обврзува на доверливост.

Користете пејџ ако сакате Фејсбук да го користите за промоција на правно лице или неформална група, односно било кој ентитет што што не е индивидуално човечко суштество. Важно е и дека ако не го правите тоа, во очите на познавачите добивате имиџ на приучен аматер.

И најнакрај, еве го и линкот за креирање страница (Create a Page), што е достапен и од насловната за нелогирани корисници.

25 August 2009

Шпиц: Побугарчени преродбеници

Во денешниот број на весникот Шпиц на насловната страница излезе написот „Побугарчени преродбеници“ во кој се зборува за многуте содржини на Википедија со кои се застапуваат ставови на странски пропаганди.

Меѓу другите соговорници и јас дадов изјава во врска со функционирањето на Википедија, оти бројот на волонтери што придонесуваат со пишување е важен, а уште поважна е достапноста на научни содржини на интернет за тие луѓе да ги искористат како референци при аргументирање на своите, односно ставовите на својата заедница.

За жал, Македонија на обете полиња е во незавидна положба и ситуацијата се нема подобрено во последните две и пол години. Може да ја споредите со 2007 година, кога го објавив написот за консензуалната демократија на Википедија, во кој википедијанците ги споредив со „топовско месо“ оставено на цедило од официјалната научна и образовна заедница.

Само еден пример: Институтот за национална историја на РМ нема свој веб-сајт, а неговите изданија финансирани со народни пари не се достапни никаде на интернет.

„Безобразен“ маркетинг :-)

На скопското радио Клуб ФМ наутро оди програма наречена „Морнинг глори со Тојота“. Верувам дека ако за овој маркетиншки бисер чујат луѓето од Тојота кои подобро го познаваат англискиот јазик, нема да им биде баш мило. Иако идиомот „морнинг глори“ (morning glory) има низа ’позитивни‘ значења, на пример име на цвеќе, тој исто така е народски израз за утринска ерекција.

А кога се работи за маркетинг, подобро е пораката да не може на ниеден начин да се интерпретира ’негативно‘, оти, како што вели еден Марфиев закон: „сè што може да се свати погрешно, ќе се сфати погрешно“.

Со еден збор, ваквите слогани не треба да бидат амбивалентни. Инаку се отвора простор за шегобиење со брендот кој претендира да има имиџ на сериозност, прецизност и сигурност.

24 August 2009

Страв од тужба за клевета => цензура на интернет

Во денешниот број весникот Нова Македонија во написот „Не пишувајте ’премиерот лаже‘ на интернет“ од Сунчица Стојановска ја обработува темата на клеветење преку интернет и можните правни последици, поврзани со слободата на изразување.

20 August 2009

Сајтот на Комити е „паднат“

Поттикнат од колумната на Жарко Трајаноски „Кој пее зло не мисли“ и соопштението на ГЕМ на тема игнорирањето на насилство води до ново насилство, решив да го посетам веб-сајтот на навивачката група Комити, арно ама на www.komiti.com ме дочека натпис:
THE WEB PAGE IS UNDER CONSTRUCTION
Претпоставувам дека сопствениците на сајтот исплашени од обвинувањата за ширење меѓунационална (поточно: меѓуетничка) омраза врз основа на националистичките песни и други содржини објавени на сајтот решиле да се самоцензурираат до даска.

Арно ама, правилата на игра на интернет се поинакви од оние кои важат за медиумите од 19 век, како огласната табла од која ако се тргне закачено ливче тоа е тргнато. Како што веќе предупредив цитирајќи го Јакоб Нилсен, она што е ставено на интернет има голема шанса да остане достапно без разлика дали авторот по некое време ќе се засрами од објавеното и посака да го снема.

Така на пример, претходните содржини од сајтот на Комити се достапни преку Аркајв.орг и преку Гугл кеш, второво со ептен едноставно пребарување (на линкот „Cached“).

04 August 2009

Твитер = Џивџан

Ако името Твити го преведуваме како Џивџи, тогаш превод на зборот Твитер е Џивџан.

24 July 2009

Ние сме мајмуни 2

Како и во претходната епизода од серијалот „Ние сме мајмуни“, идејата и на овој пост не е да разглобува за политика, туку да укаже на блискоста помеѓу луѓето и нивните сродници преку видео клипчиња. Во случајов, се работи за мајмуните макаки.

Прво, во 2007 година во селото Ориса од областа Денканал, Индија, една мајмунка се изборила за местото на дадилка на човечко бебенце.



Второ, прилог од Токио, Јапонија од 2008 г., за ресторан што има вработено (со придонеси) мајмуни за келнери, кои се „подобри од некои лоши келнери луѓе“.


08 July 2009

Троја во Херцеговина

Поради актуелноста и применливоста и во други антиквизациски контексти ми се допадна клипов од релативно новата (2007) босанска хумористична серија Надреалити шоу, чиј главен двигател е Зенит од Топ листа надреалиста, а во Македонија од неодамна ја прикажува ТВ Алфа.

http://www.youtube.com/v/OKbMr2qbTAk&hl=en&fs=1&

01 June 2009

Фејсбук и рекламите - линкови

Освен овде, разработка на прашањето за ефективноста на рекламите на Фејсбук за кое правев анкета со корисниците, може да го најдете и на

И мене ме интересира дали Фејсбук, кој деновиве известува дека има над двесте илјади корисници од Македонија, или 10% од населението, би имал некакво влијание за надминување на определени пречки во развојот на е-трговијата кај нас. Оти и создавањето пазари е дел од маркетингот, што би рекол Филип Котлер.

29 May 2009

„Антиквизација“ на венецуелски начин

Слика на Симон Боливар (1783-1830) од Википедија.И во Венецуела имаат „антиквизација“, во смисла отворање на историски контроверзи од страна на државната власт, наместо решавање современи проблеми. Ама поскромно! Наместо до времето на античките предци на домородните индијанци, одат „само“ 200 години наназад, до Симон Боливар.

(Гласајте го линкот на Кајмакот)

А за првобитното значење на поимот „антиквизација“ може да видите на Археолошки дневник: „...термин со кој историчарите на архитектурата укажуваат на практиката од времето на ренесансата на градовите да им се дава изглед на Стариот Рим или Атина со поставување структури во класичен стил...“.

28 May 2009

Голи вести - препорака

Вуна има нов текст на Окно во кој го разгледува парадоксот како може „најпобожната“ телевизија да има најпорнографска програма. И не се само „Голите вести“ - тие неконзистентни конзервативци традиционално прикажуваат и еротски серии - мислам во петок, а на нивниот втор канал и чиста порнографија преку едносаатен колаж од исецкани клипчиња секоја полноќ... Таа појава е дел од поширок феномен:

Ваквиот пристап не е погрешен зашто е православно-центричен, ниту пак затоа што доаѓа од страна на една десничарска националистичка и конзервативна политичка фракција. Погрешен е зашто е арбитрарен и некритички, и затоа што тоа нужно ќе го одведе општеството во ситуација полоша од сегашната.

27 May 2009

Резултати од анкетата за корисници на Фејсбук во врска со тамошните огласи

Благодарам на сите 456 луѓе (450 од Македонија + 6 од дијаспората) што одговорија на анкетата за корисници на Фејсбук! :-)

Резултатите од одговорот на прашањето „ што правите со огласите од македонски фирми на Фејсбук?“, врз основа на прочистени одговори од 435 испитаници се:
  • Воопшто не ги забележувам тие огласи - 27,4%
  • Намерно не ги кликам - 6,0%
  • Ги кликам ретко или никогаш - 37,0%
  • Ги кликам понекогаш - 25,3%
  • Често ги кликам - 4,4%
Вака одговорија 294 лица што изјавиле дека кликале, на прашањето: „Ако сте кликнале на ваквите огласи, тогаш...“
  • Рекламираните сајтови најчесто ги имам посетено само еднаш (тогаш и никогаш повеќе) - 67,7%.
  • Неколку пати се имам вратено на рекламиран веб-сајт - 16,0%.
  • Рекламираниот веб-сајт го имам ставено во букмарк/фејворитс - 3,1%.
  • Имам купено производ или услуга директно од таков сајт - 1,4%.
  • Го имам купено тоа што се рекламира на таков сајт по телефон - 0,3%.
  • Го имам купено тоа што се рекламира на таков сајт од продавница - 2,7%.
Поопширна дискусија во врска со анкетата и нејзините увидени маани ѕирнете на англиската верзија на блогов (What do Macedonian Facebook users do with the ads by Macedonian companies?).

25 May 2009

Актуелни политички, општествени и анкетни линкови

Политика и општество
Анкетирање и слично

Новиот вирус на Фејсбук и како да се заштитите

Деновиве повеќе корисници на Фејсбук, меѓу кои и јас, почнаа да добиваат пораки од пријатели кои се всушност пратени од вирус.

Таквите пораки имаат линк што води до страница што изгледа исто како од Фејсбук и ви бара повторно да се логирате - со тоа ви го краде логинот и пасвордот на ФБ и потоа препраќа пораки со такви реклами.

Затоа, ако преку некој линк сте стигнале до страница што личи на Фејсбук, а веќе се имате логирано на Фејсбукот од претходно - не го впишувајте логинот и лозинката.

Јас на пример добив вакви пораки со покани за сајтови со белгиска адреса, ама напишани така што да се посетат треба рачно да се впишат, без точки и хттп напред, на пример wwww ime be.

Ако се сомневате дека сте го фатиле вирусов, веднаш исклучете го целосно разгледувачот и сите прозорци, потоа логирајте се на основната страница на Фејсбук (www.facebook.com) и променете си ја лозинката.

Напис за вирусов на хрватски Индекс:

24 May 2009


In The Know: Kim Jong-Il's Approval Rating Plummets to 120%
Сатирично клипче на англиски јазик од „Д Анјон“ во форма на дебатна емисија на тема рејтинг на политичарите на кои тоа им е важно, под наслов „Рејтингот на Ким Јонг Ил паднал на 120%“

22 May 2009

Анкета за корисниците на Фејсбук

Ако го користите Фејсбук и имате 3 минути време, ве молам повелете да одговорите на прашањето

Ако досега не сте го користеле Фејсбук, немојте да се закачувате само заради анкетава. Резултатите за некој ден ќе бидат објавени и на блогов.

20 May 2009

Во живо: важен настан за невладиниот и владиниот сектор

Од Кајмакот дознав дека МЦМС нè поканува да ја проследиме во живо промоцијата на Извештајот за спроведувањето на Стратегијата за соработка на Владата со граѓанскиот сектор. На присутните ќе им се обрати Ивица Боцевски, потпретседател на Влада на РМ и Ерван Фуере, Шеф на делегацијата на ЕУ во Скопје. 20.05.2009 14:00-16:00.

Го поздравувам секое користење на новите технологии за директно приближување на сите извори информации до граѓаните.

18 May 2009

Пак за транспарентноста

Во врска со

кој ми се чини повеќе како ad hominem аргумент, оти повеќе зборува за луѓе отколку за дела. Корисен линк во контекстот е и:

извештајот на МЦЕО од ноември 2008 година „Осумте + еден репер на Европската комисија, ден потоа“ (ПДФ) во кој баш се споменуваат партиските вработувања како фактор.

17 May 2009

Транспарентност не е само име на НВО

Било да го користиме увезениот термин транспарентност, или буквалниот „чисто македонски“ превод проѕирност или прозрачност, излегува дека треба да повторуваме што тие значат додека и последниот жител на Македонија не почне да бара примена на овој политички принцип. Бранко Ѓорѓевски од Дневник убаво објаснува во текстот „Недоволен еден“:

Кога институциите не ги објавуваат информациите што директно ги засегаат тие од чии пари живеат, тоа бирократски се нарекува нетранспарентност. Кога тоа станува правило во едно општество, тоа општество станува затворено, недемократско општество. Ни се случува ли тоа и нам? Очигледно, да, бидејќи во спротивно искуството би било поинакво и воопшто не би имало потреба јавно да се прашуваме зошто некој сака да го скрие тоа од сопствените граѓани. Како да е некаде и во нечии глави е всадено чувство, став или, едноставно, страв од тоа јавноста да знае што се случува во земјава.

Зошто е тоа така? Дали за да се одбегне „непотребната“ расправа за тоа што властодржецот наумил да прави или смета дека добиениот мандат му дава право да го прави и тоа? Може да се најдат десетици објаснувања, но сите тие ќе се соочат и ќе паднат пред она што е елементарна работа во секое демократско општество - правото на граѓаните да знаат што се прави во нивно име и со нивни пари. Ако го нема тој елементарен отчет, ќе ја снема и демократијата и сè што таа значи.

Муабетов се надоврзува и на коментарот на Ненад Јовановиќ во постот со линкови за тековни состојби, кој објаснува што всушност е „Европа“.

На пример, во Велика Британија, која е дел од таквата Европа, политичарите се во паника откако народот дознал на какви глупости, луксузи и лични каприци извесни пратеници и други функционери користеле пари од буџетот. Дури и оние кои не се посочени како виновни се загрижени, оти се сопартијци со апашите. Целиот политички систем е разнишан, угледот на сите што имаат врска со пратениците е уништен, со конкретни форми на личен притисок против оние што злоупотребувале и нивните семејства од страна на разбеснетите граѓани. Дури се зборува за страв од општонароден бунт и улични нереди.

Светски рекорд во куглање

Од Игор Михајловски дознав дека членот на македонскиот репрезентативец Борис Бенедек поставил нов светски рекорд во куглање.

Честитки! :-)

Евровизија на К-15

Класично клипче од 1998 година, по враќањето на македонскиот претставник на изборот за песна на Евровизија во Бирмингем, Велика Британија. За линкот дознав од Ф.В.

16 May 2009

Нетолеранција, одговорност, појдовни основи - акција за линкување

Со цел зголемување на поврзаноста во македонската блогосфера, ги поканувам сите блогери барем еднаш дневно да подзастанат и да препорачаат по неколку линкови за читање. Тоа може да биде по области, проследено со ваш текст и видувања или сосем неформатирано. Еве јас тоа го правам врз основа на јазичињата кои ми се отворени моментално.

PS
Ако сакате, пред да почнете да учествувате во акцијава забележувајте си колку ви е просекот на Сајт митер (Visits: Average per day), за да може да споредите дали ќе има ефект и на вашата посетеност после да речеме недела дена. Мене во моментов ми е 129.

14 May 2009

Со еден ваш пост помогнете Глобал војсис адвокаси да добие 3000 долари

Ако ви се допаѓа работата на Глобал војсис онлајн (Global Voices Online), меѓу другите и неговата верзија на македонски, имате можност да придонесете во развојот на целата таа мрежа.

Мене ГВО на македонски ми прави кеиф оти нуди информации за кои нашите медиуми не ни сакаат да знаат, овозможува да направам паралели со настани кај нас и во други земји и овозможува промоција на мислења на нашите блогери и информации за случки во Македонија за кои пак странските медиуми не пренесуваат ништо или пренесуваат искривени слики. Особено затоа што со преводите на разни светски јазици создава можност за што поширока промоција на Македонија и македонски автори.

Лично многу ми се направи кеиф што некои мои написи освен на англиски беа преведени и на бангла, португалски, кинески, јапонски, француски, унгарски, италијански, шпански, холандски... Мислам дека ретко кој автор од Македонија досега имал прилика за такво искуство, а ГВО им го нуди на сите што би сакале да придонесат со свои содржини.

Едно логоИскажете го своето мислење во ваш пост кој доколку ги содржи соодветните елементи „ќе се брои“ во тековниот натпревар за награда од 3000 долари во кој учествува Глобал војсис адвокаси (Global Voices Advocacy). Парите од наградата ГВА ќе ги вложи во подигање на свеста за нападите на слободата на говор на интернет и на споделување алатки и тактики за активистите и блогерите кои се соочуваат со цензура во различни делови од светот.

Активноста може да ја поддржите и преку гласање на Кајмакот.

Накратко, вашиот пост треба да биде објавен пред 6 јуни и да го содржи следниов текст и линкови, најдобро и на англиски:

Овој блог пост е дел од кампањата на Земанта „Блогирање за кауза“(http://www.zemanta.com/bloggingforacause/) за да се подигне свест и соберат финансии за значајни каузи за кои се залагаат блогерите.

This blog post is part of Zemanta's “Blogging For a Cause” (http://www.zemanta.com/bloggingforacause/) campaign to raise awareness and funds for worthy causes that bloggers care about.

13 May 2009

Племенскиот пристап при ширење на идеи - видео вовед

Говор на Сет Годин на ТЕД во кој објаснува дека новите технологии овозможуваат организирање на принцип на племиња - групи собрани поради заеднички вредности и предводени од лидери. И таквото организирање е поефективно од скапиот традиционалнен маркетинг насочен кон широките народни маси.

При тоа, членството во племињата е доброволно, не се мисли на националистичкиот поим на племе како поширока семејна група на генетски поврзани луѓе (кои сметаат дека имаат со ист заеднички предок).

Фала на Јован за линкот.

12 May 2009

Жртви на предрасудите - препорака

Слика од Каролин ХвангВо право е Ирена Цветковиќ во нејзиниот текст „Жртви на предрасудите“, кога ја раскажува позадината за последниот хуманитарно-здравствен скандал во Македонија:

Додека ние дебатираме дали државата треба да гради црква на плоштадот, меѓународниот Глобален фонд ги повлече парите за изградба на центри за лекување од зависност. Имавме отворено дилема дали да градиме болници со подарени пари или цркви со наши пари - и решивме. Решивме дека ќе ја браниме изградбата на црква со сите сили, а уште еднаш ќе ги заборавиме зависниците од дроги. Пресудивме конечно кои луѓе ни се важни, чии потреби ни се приоритет, чии животи се вредни за спасение. Останатите комотно може да ги снема, само затоа што некому тие не се допаѓаат. Сега слободно можам да кажам дека нашите власти, сите комплет, се убијци.

Во контекст на разбирање на животот на луѓето кои имале искуства со дроги препорачувам да ги погледнете видео-клиповите од работилницата за дигитални приказни „Сите имаме минато“.

Автоцензура во македонската блогосфера?

Question?Од повеќе извори имам слушано дека бројот на написи и бројот на посетители на македонските блогови опаѓа, што е чудно ако се земе предвид дека бројот на луѓе со пристап до интернет во Македонија расте. Би било логично зголемувањето на бројот на потенцијални читатели и автори да има обратен ефект.

Прилично е јасно дека користењето различни форми на притисок против неистомислениците има доведено до определена доза на автоцензура во традиционалните медиуми во Македонија. Имаме класичен пример за примена на морковот и стапот, со широк спектар на мерки од тепање, преку заканување и вознемирување, преку одбивање соработка и неможност да се добијат информации, до легално подмитување во форма на закупување огласен простор.

Ми се чини дека и во блогосферата имаме сличен ефект на автоцензура, односно губење на волја да се пишува и општо, да се разговара, особено на општествени теми. Поларизацијата на политичката сцена влијае на голем дел од луѓето кои не се радикални застапници на некоја опција да одбираат да молчат за разни прашања, од страв некој партиски војник да не ги етикетира или стави на „црна листа“ во неговата организација.

Иако неколку блогери се спротивставија на етикетирањето, сепак за мнозинството, особено околу изборите, влијаеја делата на партиски активисти или симпатизери. Некои од тие активности, како отворање нови блогови за кандидати, беа сосем легитимни, но придонесоа кон чувството за сеприсутна политизација. Уште полошо, беа применувани нелегитимни форми на притисок, особено често успешни обиди троловски да се задуши дискусијата на дадена тема со пренатрупување коментари кои немаат врска со постот, преку спамирање надвор од темата, со навреди и закани.

Од она што може да го видам од сервиси што споредуваат посетеност како Дигимак блог ми се чини дека бројот на посети некако не се зголемува - во моментов не може да кажам дека посетеноста опаѓа оти овој сервис покрива само мал процент од македонските блогови. Има начини да се провери и дали продукцијата стагнира, на пример преку броење на написите што ги бележи Најди блог, но во моментов немам можност за такво истражување. Ако имате податоци на темава, пишете...

Неколкупати имам читано написи во кои блогери велат дека се откажуваат, не можат да го издржат притисокот и/или се жалат на опаднатиот квалитет. Дали и вие мислите дека сето тоа обесхрабрување доведува до автоцензура - одбивање да не се блогира на одредени теми, или одбивање да се блогира воопшто?

11 May 2009

Што е донација?

Волан се спротивставува на погрешното користење на терминот донација, покренувајќи многу логични прашања:

Вака како што се прави сега, имаме чиста манипулација со јавноста - со цел некакво рејтингување... Каква е таа донација на контејнери за смет за потребите на општините, со истовремено сликање на сите телевизии, претварајки го настанот во медиумска еко атракција? А кој треба да ги купи контејнерите, нели за тоа плаќаме ѓубретарина - погледнете ги комуналните сметки ке видите колку плаќате на комуналните служби ...

Зошто редовната работа на трошење (буџетски!) пари заради решавање на било каков проблем на граѓаните се нарекува донација?

(Малку лексички интервенирав во цитатот. Ако ве интересира дебата на темава, веројатно коментари ќе има и на другата верзијата на истиот пост.)

08 May 2009

Пецко: (у)кажувања

На веб-сајтот Граѓани за Европска Македонија во вид на фотогалерија и слајд-шоу е поставена целата содржина на книгичката со стрипови со Пецко „(У)кажувања“ од Дар Мар.

Големите патриоти

07 May 2009

(Само)залажување на Македонија

Self deceptionВо нејзиниот напис „Постојат лаги, проклети лаги и мрзливи новинари“ Ана Ангелова го покренува прашањето на зачинување и автоцензурирање на вестите во Македонија и неговите последици.

Го препорачувам за читање, особено затоа што често се осврнував на овој проблем и во минатото, од навидум бенигни случаи на фалење на нашата „уникатност“, до сензационалистичко експлоатирање на патриотски подобни мотиви.

Последен пример е веста за клип на Јутјуб во која изјава даде Волан: додека новинарката „од терен“ ја кажува точната бројка од околу 6.000 гледања за пет дена, претходната најава зборува за „незапамтен интерес“ и „десетици илјади посети“. А ако некој од гледачите поттикнат од најавата дека „Македонци ја добиваат интернет-војната за името“ реши да го погледне и самиот клип „I am Macedonian“, може да забележи дека сроден (related) му е и еден со наслов „Macedonia is Greece“ кој има над 3.000.000 гледања!

Исто така интересна е и неодамнешната вест за македонските хакери што демек возвратиле удар (со тоа што хакирале сајт што нема врска со виновниците што „први почнале“). Крајната реченица на веста е:

Во март минатата година руски хакери извршија напад на компјутерите на американската централна команда на Пентагон, а минатиот месец хакерска шпионска мрежа презеде контрола во 103 држави.

И? Што било после? Имало некое решение за проблемот што 103 држави (!) се контролирани (!!) од неколку хакери и шпиуни. Ако немало разрешница, значи дека таа ситуација сеуште трае. Ми се чини како прилично значаен податок што бара дополнителна истрага и информации, а не како попатна занимливост.

Сликата ја надополнува и медиумската експлоатација на стравот, за која пишува Сеад Џигал.

05 May 2009

Американскиот „Стоунхенџ“ - медиумски траги

ГајдстоунсМинатата сабота Дневник објави текст, наводно преземен од Ројтерс, за комплексот „Гајдстоунс“ („Карпи-водилки“) во американската држава Џорџија. Го забележувам затоа што текстот ми личи на прераскажување на (воведот на) текст од тековниот број на Вајерд, на иста тема (American Stonehenge: Monumental Instructions for the Post-Apocalypse), објавен пред некоја недела.

Ќе беше убаво да го навеле изворот, ако не заради моралните авторски права, тогаш макар поради тоа што во оригиналниот напис на интернет го има целиот текст од камењата, дополнителни фотографии, па дури и книга-водич во ПДФ за симнување.

Инаку, комплексот е изграден од приватни пари, ама е доделен во сопственост на општината како јавно добро - градителите сметале дека така ќе остане заштитен за навек поради „граѓанска гордост“ (civic pride).

03 May 2009

Најава: Предавање „Молекуларен дарвинизам“

На 8 мај, петок, во 14:00 часот, во биолошки амфитеатар на Природно-математичкиот факултет во Скопје Горан Кунгуловски ќе одржи предавање со наслов „Молекуларен дарвинизам“.

Предавањето е дел од светското прославување на јубилеите 200 години од раѓањето на Чарлс Дарвин и 150 години од објавувањето на книгата „Потеклото на видовите“.

Darwin NowПо истиот повод, во Природонаучниот музеј на Македонија, Британскиот совет има организирано изложба „Дарвин сега“ која ќе биде поставена до 10 јуни 2009. На веб-сајтот на изложбата може да се симне и брошурата спомената во поканата за предавањето.

Главното дело на Дарвин било објавено во 1859 година и предизвикало широка расправа во Западна Европа. Интересно е да се спореди нивото на развој на науката во Македонија во тоа време...

Достапните информации укажуваат дека врв на интелектуалното творештво кај нас било во областите на филологијата и етнологијата, на пр. збирката народни песни на Миладиновци била објавена две години подоцна. Речникот од три јазика (ПДФ) на Ѓорѓија Пулевски бил објавен 17 години потоа, додека--колку што се сеќавам, исправете ме ако грешам--во неговата „Славјанско-маќедонска општа историја“ (1892) тој се потпира на библиски објаснувања за потеклото на човекот. По сè изгледа дека зачетникот на биологијата во Македонија е д-р Станко Л. Караман, кој својата работа кај нас ја почнал околу 1922 година, седумдесетина години подоцна...