Од повеќе извори имам слушано дека бројот на написи и бројот на посетители на македонските блогови опаѓа, што е чудно ако се земе предвид дека бројот на луѓе со пристап до интернет во Македонија расте. Би било логично зголемувањето на бројот на потенцијални читатели и автори да има обратен ефект.
Прилично е јасно дека користењето различни форми на притисок против неистомислениците има доведено до определена доза на автоцензура во традиционалните медиуми во Македонија. Имаме класичен пример за примена на морковот и стапот, со широк спектар на мерки од тепање, преку заканување и вознемирување, преку одбивање соработка и неможност да се добијат информации, до легално подмитување во форма на закупување огласен простор.
Ми се чини дека и во блогосферата имаме сличен ефект на автоцензура, односно губење на волја да се пишува и општо, да се разговара, особено на општествени теми. Поларизацијата на политичката сцена влијае на голем дел од луѓето кои не се радикални застапници на некоја опција да одбираат да молчат за разни прашања, од страв некој партиски војник да не ги етикетира или стави на „црна листа“ во неговата организација.
Иако неколку блогери се спротивставија на етикетирањето, сепак за мнозинството, особено околу изборите, влијаеја делата на партиски активисти или симпатизери. Некои од тие активности, како отворање нови блогови за кандидати, беа сосем легитимни, но придонесоа кон чувството за сеприсутна политизација. Уште полошо, беа применувани нелегитимни форми на притисок, особено често успешни обиди троловски да се задуши дискусијата на дадена тема со пренатрупување коментари кои немаат врска со постот, преку спамирање надвор од темата, со навреди и закани.
Од она што може да го видам од сервиси што споредуваат посетеност како Дигимак блог ми се чини дека бројот на посети некако не се зголемува - во моментов не може да кажам дека посетеноста опаѓа оти овој сервис покрива само мал процент од македонските блогови. Има начини да се провери и дали продукцијата стагнира, на пример преку броење на написите што ги бележи Најди блог, но во моментов немам можност за такво истражување. Ако имате податоци на темава, пишете...
Неколкупати имам читано написи во кои блогери велат дека се откажуваат, не можат да го издржат притисокот и/или се жалат на опаднатиот квалитет. Дали и вие мислите дека сето тоа обесхрабрување доведува до
автоцензура - одбивање да не се блогира на одредени теми, или одбивање да се блогира воопшто?