Блекаут

21 December 2012

Перу: Ритуалот на „Златна лопата“ на Инките

Ја препорачувам книгата „Земјата на Инките“ (анг. Realm of the Incas, 1963) од Виктор В. вон Хаген, како корисна за сите кои се заинтересирани да сфатат како Инките--последната домородна династија на стариот Перу--успеале да ја создадат, водат и изгубат нивната империја, која ја нарекувале Тавантинсију,  односно „Четирите страни на светот“. 

Вон Хаген претставува и интерпретира археолошки и историски докази во споредба со други старовремски и модерни култури на многу пристапен и непретенциозен начин. На пример, извадок од страниците бр. 64-66: 
Земјоделството било душата на Царството на Инките, тоа одредувало сè. Годината за селанецот од Андите била поделена на две годишни времиња: влажно и суво. Влажното годишно време почнува во октомври и трае до мај. Сувото годишно време почнува во мај и може да биде многу променливо (затоа Инките биле преокупирани со поклонување на невидливи сили) може да потрае до ноември.

Во есен земјиштето на заедницата се делело рамномерно помеѓу членовите на месната заедница наречена ајљи, односно територијалната единица што го контролирала сопственоста на недвижнините. Прво заеднички ја обработувале  земјата доделена на Инката, односно државното земјиште (дел од данокот во натура, односно работа за владетелот, наречен мита), a потоа земјата на Сонцето, државната религија. Пожнеаните плодови се складирале да бидат на располагање на овие две тела. Според сведоштвата на првите шпански освојувачи, ваквите државни амбари биле преполни со пченка, куиноа, чуњу, чаркуи (сушено месо од лама), риба, јажиња, коноп, волна, памук, сандали и оружје, наредени во корпи, распоредени по посебни складишта според видот на стоката. Така ги видел Франциско де Херез, првиот војник-хроничар на освојувањето од 1533 година. Тој запомнил дека овие складишта биле „наполнети до покривот, како што прават трговците од Фландрија и Медина“. 

По завршувањето на работата на овие полиња, селанецот наречен пурик можел да се сврти на сопствените.
Август бил време на орање, а работата во полињата на селаните била, како и сè друго, заедничка. Почнувала со фестивал. Благородниците го сфаќале сериозно и секогаш учествувале. Језуитскиот калуѓер и историчар Падре Кобо запишал: 
„Ако самиот Инка или неговиот гувернер или друг високодостоинственик биле присутни, ќе ја почнел работата со златен кол за копање што ќе му го донеле на Инката. Следејќи го неговиот пример сите други функционери и благородници кои го придружувале ќе го стореле истото“.
(Овој концепт не се разликува од денешниот обичај државен функционер да фрли малку земја со позлатена лопата или да постави камен-темелник со златна мистрија.*)
Мажите и жените ораат заедно во поле. Мажите користат ножен плуг, наречен такља.
Жените ги гмечат грутките земја. Уште една жена им носи чича за пиење. Илустрација од
„Првата нова хроника и добро владеење“ (шпан. "El Primer Nueva Corónica Y Buen Gobierno")
на Фелипе Гајман Пома де Ајала (анг. Felipe Guamán Poma de Ayala).
Тие немале плуг како таков, ниту товарни животни. Мажите користеле, а и сè уште користат, такља (кеч. taclla) или ножен плуг, што бил еден дебел кол долг околу 180 cm со врв зацврстен со оган. Понекогаш врвот бил од бронза. Со притисок со рамото и со стапалото на потпирач за нога поставен близу до врвот, такљата се забивала длабоко во почвата. Овој стап за копање, како и сè друго во земјата, бил групна алатка и ретко се користел од само еден човек. Неговите роднини од ајљуто формирале долга линија преку полето што требало да се ора. Со ритмичко пеење „Јаиљи“ (кеч. Jailli, што значи „победа“), „...тие триумфирале врз почвата,“ пишува Гарсијасо „Инките ја орале и ја ваделе нејзината утроба надвор“.

QHARICUNA:
Ayau jailli, ayau jailli
Kayqa thajilla, kayqa suka!
Kayqa maki; Kayqa jumpi!

WARMICUNA;
Ajailli, qhari, ajailli

              
Слободен превод
МАЖИТЕ:
Оо! Победа, оо! Победуваме,
Еве го стапот за копање, еве ја браздата!
Еве ја потта, еве ја работата!

ЖЕНИТЕ (одговараат):
Ура, мажи, ура!
Мажите работеле назачки, а жените ги следеле свртени кон нив, разбивајќи ги грутките земја со еден вид мотика наречена лампа. Сара (пченка) саделе во септември, а компири кога дождовите почнувале да паѓаат, т.е. меѓу октомври и ноември. По орањето на полињата на Инките, на Сонцето, како и сопствените, потоа ги обработувале полињата на отсутните роднини кои служеле војска, а најпосле на оние кои биле болни или немоќни. Нивниот основен придонес (кој бил дел од нивниот данок) објасник Гарсијасо, бил „работење и култивирање и жнеење на земјиштето на Сонцето и Инката“.
Вон Хаген објаснува дека династијата на Инките ја засновала својата апсолутистичка моќ врз исклучителните организациски вештини и надградба на големите постигнувања на културите кои ги освојувале, како и создавање на религиозен култ на личноста и контрола врз културата преку потхранување на мит дека тие биле единствената сила која носи цивилизација на луѓето кои без нив би биле дивјаци. Нивната империја била социјална држава со ниско ниво на технолошки развој чија официјална идеологија се базирала на догма, групно размислување (страв да му се каже вистината на главниот) и изолационизам (мислеле дека се центар на светот и дека тоа што не е официјална вистина е неважно). Бидејќи биле ултра-конзервативни тие не можеле да се соочат со нови концепти како што е на пример идејата дека може да постојат други цивилизации преку морето.

* Современ пример, од Македонија: Претставници на врховната религиозна власт продаваат златна лопата на аукција при поставување камен-темелник на нова градба. Додека државата е номинално секуларна, политичарите и водачите на верските институции често стекнуваат полза од комбинирање на нивните надлежности. Сите градежни работи финансирани од државата вклучуваат ритуали со давање верски благослов и обврзна фото-сесија за политичарите кои ја фрлаат првата лопата со земја и/или сечат црвена лента.

04 December 2012

Пак без панихида за жртвите на „магарешките атентати“?

На денешен ден (не) се одбележува еден од најцрните денови во поновата историја на Штип, кога на 4 декември 1911 година, како последица на таканаречените магарешки атентати животот го изгубиле десетици граѓани, а стотици биле ранети.

Со денешен речник, целта на овие атентати (кои ги опфатиле и Кочани и Дојран) било распирување меѓуетничка и меѓуверска омраза и колеж меѓу населението на Македонија, при што тероризираните муслимани би им се одмаздувале на христијаните, па во настанатиот хаос да интервенираат соседните држави, со краен резултат целосна поделба на Македонија. При тоа, оние што предизвикуваат раздор би станале феудални сопственици кои ќе го приватизираат и „независно“ ќе го владеат тоа што ќе го заграбат од Македонија.

Штип кон крајот на XIX век. Фото: Википедија.

Написот „Магарешки атентати“ на Википедија се повикува на книгата „Предавствата и атентатите во македонската историја“ (2004) од државните историчари Виолета Ачковска и Никола Жежов. Тие укажуваат дека првичен мотив за атентатите бил рекет. Извадок од написот, во книгата видете околу стр. 143:
Како резултат од ваквата терористичка дејност на 4 декември 1911 година во Штип за помалку од еден час биле убиени над 20 христијани, а стотици биле ранети. Во првичните извештаи на кајмакамот на Штип до валијата на Косово актот на насилство на муслиманите врз христијаните го оправдувал со наводно поставената бомба наспроти ѕидот од џамијата при што биле повредени тројца муслимани од кои едниот починал.

[...]
Во целиот настан најповеќе настрадале жителите на Штип кои биле целосно невини за какво било учество или согласност со злосторството, туку тоа било инспирирано многу повеќе од желбата да бидат казнети како и да доведе до инцидент. Лем наведува дека по шокантното убиство на шест муслимани близу Килисели, и правните последици и други процеси во Штип, ... минатата година, видните лица од овој град решиле целосно да ги прекинат врските со организацијата на Тодор Александров, одбивајќи дури да даваат придонеси, како порано, во неговите фондови или да ги примаат и разнесуваат неговите емисари кога тие го посетуваат градот. После тоа, Александров ја објавил својата намера да им го доведе умот.
Пред неколку месеци Владата на РМ и политички партии со неколку панихиди му оддадоа почит на организаторот на тие атентати, Тодор Александров. Дури му подигнаа и споменик во Скопје. За жртвите, ни збор. Во ситуација кога толку се нагласува традицијата, помнењето на премрежјата на обичниот народ е парадоксално кусо. Каде сте, штипјани?


PS
Пред некоја година истото прашање го постави Жарко Трајаноски. За жал, во последно време сведоци сме на низа инциденти со слични методи се поттикнува меѓуетничка и меѓуверска омраза и 101 година по овој историски настан. Историјата треба да се учи не како модел за повторување, туку со цел да ги одбегнеме катастрофите од минатото...

02 December 2012

Нов вид „руски“ спамови на Твитер

This post is also available in | Овој пост е достапен и на
- македонски преку Блогерај:  Нов вид „руски“ спамови на Твитер
- English on Blogspot: New Kind of "Russian" Spam on Twitter


Наидов на нов вид „руски“ спам, барем според изборот на имиња на испраќачите. Се работи за копии на твит пратен до мене во некој претходен муабет. Претпоставувам дека ова е начин како да направат нивните твитови со меншн да изгледаат полегитимно.

Документирам пред да ги пријавам испраќачите за спам, што веројатно ќе доведе до гасење на тие профили.


Овие постариве дури си имаат и ретвити од нивни „другари“. 



Оригиналот на текстот е од RubinBt, од муабет направен 5 дена претходно.


Можеби испраќачот што ги контролира тие профили не знае баш доволно македонски, но идентификувал дека нешто може да се интерпретира како легитимен твит испратен од повеќе луѓе...

19 November 2012

Русија: Умрел Борис Стругацки

This post is also available in | Овој пост е достапен и на
- македонски преку Блогерај:  Русија: Умрел Борис Стругацки
- English via Sci-Fi Observer: Russia: Boris Strugatsky Dies


Arkady Strugatsky
en.wikipedia.org
Писателот на научна фантастика Борис Стругацки (79) умрел денес во болница во Москва.

Бугарскиот портал Офњуз (OFFNews) ја пренесе веста од руската агенција РИА Новости дека неговот здравје многу се влошило последниве неколку дена и дека имал проблеми со срцето.  Написот (анг.) на РИА всушност вели:
Стругацки умрел поради проблеми со срцето, изјави за РИА Новости пријател на писателот што сакаше да остане анонимен. Но, писателката Нина Катерли рече дека умрел од рак на крвта. Различните известувања не можеа веднаш да се усогласат.
Борис (роден 1933.) и неговиот брат Аркадиј (1925-1991) беа познати како Браќата Стругацки (или скратено АБС) и според Википедија на англиски:
„...се веројатно најпознатите писатели на советска научна фантастика со добро развиена заедница на фанови. Нивните рани дела биле под влијание на Иван Ефремов. Нивниот познат роман „Пикник крај патот“ (или „Пикник на работ“ - нема официјален превод на македонски) бил преведен на англиски во 1977 година и според него  Андреј Тарковски го снимил филмот Сталкер
Дел од нивните дела се преведени на германски, француски, англиски и италијански, но не го добиле истото ниво на пофалба од критиката како изданијата на руски. Браќата Стругатски, од друга страна, биле и се уште се популарни во многу земји, како Полска, Унгарија, земјите од бивша Југославија, Бугарија и Германија...“
Една од нивните значајни книги е романот „Тешко е да се биде бог“ (анг. Hard to Be a God) од 1964 година, во кој мајсторски се комбинира „тврда“ научнофантастична авантура во вселената со ренесансни интриги и дилеми околу примарната директива и чувства карактеристични за европските земји кои ја преживеале Втората светска војна.

Насловната страница на едно од изданијата на
Тешко е да се биде бог од СФРЈ, превод на српски.
Офњуз цитираше сегмент од неодамнешно интервју [ru] на Борис Стругацки, објавено во месечникот „Врвна тајна“ (“Совершенно секретно”):
„Наспроти сите пречки, човештвото продолжува да живее, да се усовршува и да се победува - нели е тоа повод за оптимизам?
Останав атеист, односно, како што е сега прикладно да се кажува, агностик.  Јас, за жал или за среќа, не можев да се принудам да поверувам во постоењето на самосвесно Семоќно, кое управува со мојот живот и животот на човештвото. Верата им помага на оној, којшто се чувствува слаб.“

10 November 2012

„Мики Маус“ - првото издание од Дизни преведено на македонски?





Насловната страница на „Мики Маус“ бр. 1, март 1995.
„Првпат на македонски“ [sic]


Во 1995 година фирмата Астор од Скопје направи обид да го издава „Мики Маус“ на македонски јазик. Се работеше за стрип по концепт сличен на „Микијев забавник“. Вакви списанија под лиценца на данскиот издавачки гигант Егмонт и ден денес се објавуваат во низа европски земји, вклучително и Србија, Хрватска и Бугарија. За жал, во Македонија не преживеа повеќе од неколку броја, наспроти напорите на луѓето од Астор, Ванчо Зрнцев и Ѓорѓи Јачовски. Тие издаваа лиценцни верзии и на други светски познати брендови (PC World Macedonia) но и за стриповите и за другото изгледа ги „изеде“ недостатокот на соодветна публика.



Дел од првото стрипче, за Пајо, со импресумот.

Се покажа дека тие пет години од распадот на бивша Југославија, а со тоа и на нејзината развиена издавачка индустрија (и периодика и книги) беа доволни да се уништи онаа минимална култура на читање која успеала да се развие во претходните неколку децении.* И за тоа не е виновен Интернет, туку недостатокот на волја на родителите да им читаат на децата или да читаат со децата, односно недостатокот на традиција на читање во семејствата. А тоа зависи од степенот на општа писменост и образование, подолготрајното опстојување на средна класа заинтересирана за одржување на такви институции и практики итн.

Се чини дека во времето на СФРЈ, Македонија не била многу значаен сегмент од заедничкиот издавачки пазар, инаку ќе имаше верзии од постоечките изданија и на македонски. А белградска „Политика“, барем во еден период „Политикин Забавник“ го печатеше во Скопје, во „Нова Македонија“. „Микијев“ го имаше и на словенечки - веројатно затоа што Словенците (иако нешто помалубројни од Македонците) повеќе читале, а со тоа и било економски оправдано да се печати и специјално за нив. Исто така не се сеќавам дека имаше стрипови на албански, иако бројот на Албанците вкупно во целата федерација беше значителен (над 2 милиони во осумдесеттите, т.е. 7,7% од населението на пописот од 1980, кога Македонците биле 6%).

Парадоксално е, ако се земе предвид колку националистите од разни бои се гордеат со „својата“ култура, да се види со колкава негрижа во последниве 20 години сите такви режими се однесувале со толку важна работа. Во суштина проблемот се сведува на грижа за развојот на децата. Во Македонија, издавачите-претприемачи се соочуваат и со нелојална конкуренција од разработени шеми на продажба изданија за деца преку државниот образовен систем - претплата која ја нудат наставниците, при што дел од приходот рекетарски се дели меѓу наставници, директори, монополистички издавачи. Дополнително, тука е предизвикот (без државна поддршка) да создадат култура на читање кај децата чии родители пораснале во единствено со „вредностите на турбофолкот“ како опција за животна филозофија.

* Според патеписот на Роберт Сент Џон кој ја посетил Македонија во 1946 година, околу 80% од населението биле неписмени.

08 November 2012

Ерменија: Дрвја претворени во скулптури

Примери за тоа како дрвјата може да останат вклопени во урбаната околина дури и по нивната смрт. Фотографиите се направени по улиците на Ечмиаѕин, Ерменија во октомври 2006 година.




За ова веќе пишував (на Блогспот и Блогерај) во 2009 година, кога почна првата сеча на дрвјата на Илинденска. Градот е духовно средиште на ерменската култура заради тоа што таму се наоѓа седиштето на нивната национална црква. Целиот отворен комплекс во кој се наоѓа и главната катедрала е во вид на парк со многу зеленило.






04 November 2012

Балашевиќ раскажува за Тито и Букефал

Во ова видео-клипче Балашевиќ раскажува за времето на Тито како секаде можело да се видат негови слики, ама и за коњот на Александар Македонски (на српски).
„Кад сам био клинац, одеш у позориште – Тито са глумцима… на сцени – слика. Одеш… у породилиште – Тито у белом мантилу, или у неком месецу трудноће, свеједно. Где год одеш, свуда је био Тиле… У ПГП-у, сећаш се човече Петровићу, био је Тито за клавиром белим, па велика слика. На хиподрому – Тито на коњу… мислим не знам, на другим местима не смем да помишљам, у каквим све ситуацијама смо могли да га видимо. Нисам могао ни да замислим да ће то бити једног дана…
Да ће проћи 5 година и да ће неко рећи: Какав Тито бре, кога ти помињеш?! Моје песме да ће надживети Тилета… Који као нешто, хода по води… И што је најважније, они који су ми највише пребацивали то су били ликови који су се дотад увлачили, који су били чланови…“
А на крај ја пее „Провинцијалка“.

24 October 2012

Препорака за блогери: Ставете банер од #АМАН

Во знак на поддршка за движењето АМАН, го поставувам следниов банер во мојот блогрол. Сторете го и вие истото ако сметате дека поскапувањата што се под контрола на државата се неоправдани и треба да се развијат и спроведуваат транспарентни и отчетни механизми за добро владеење.


Линкот на банерот е препорачливо да води кон настанот на Фејсбук, а повеќе информации за движењето има на нивниот блог Граѓанска иницијатива АМАН и на твитер преку хаштагот #АМАН.

Башка, блогов беше меѓу првите што извести за протестите на македонски (Блогспот, Блогерај) и англиски јазик.

12 October 2012

Интернет мора да падне - наредба од Штабот на Комитетот | #член16

This post is also available in | Овој пост е достапен и на
- македонски преку Блогерај:  Интернет мора да падне - наредба од Штабот на Комитетот | #член16
- English: Macedonia: The Internet must Fall - an Order from the Committe HQ | #член16


Потплати, откупи, присвој, заплаши или ако не може, уништи постоечки медиуми. Отвори портали „кои често објавуваат навредливи информации и директни напади на поединци, фирми, компании“. Спроведувај хајки против неистомисленици - лажни лустрации, дискредитации, чистки. Не спроведувај Кривичен законик кога твои пропагандисти со говор на омраза поттикнуваат раздор и меѓуетничка нетрпеливост. 
Доведи ја ситуацијата со слобода на изразување до бедно ниво.

Потоа објави „решение“: Интернетот „мора да се регулира“!

Накратко: Унгарско сценарио во банана-држава.

***


Затоа што со новите законски „решенија“ опфаќаат поттикнување цензура преку законот за навреда и клевета, измени на Кривичниот законик со кој се намалуваат казните за говор на омраза и ограничувањето на можностите за работа на странски дописници... Дознајте повеќе за напорите на активистите од Македонија кои настојуваат законодавниот процес да се постави на демократски основи и приклучете се!






01 October 2012

Две минути омраза

This post is also available in | Овој пост е достапен и на
- македонски преку Блогерај:  Две минути омраза
- English: Two Minutes Hate


Кусо објаснување за Две минути омраза на Википедија 
 Две минути омраза е поим кој се споменува во романот 1984 од Џорџ Орвел и означува период во денот кога членовите на Партијата во општеството на Океанија мора да гледаат филм во кој се прикажани непријателите на Партијата (особено Емануел Голдстајн и неговите следбеници) и да изразат омраза кон нив.
Филмот и неговите звучни и визуелни елементи (кои вклучуваат и непријатна бучава која Орвел ја опишува како да е „од некоја чудовишна машина што работи без масло“) се форма на перење мозок за членовите на Партијата, со цел да се западнат во треска на омраза кон Емануел Голдстајн и тековната супердржава-непријател. Очевидно, честа појава е оние кои ќе ги обземе ваквата омраза и физички да го напаѓаат теле-екранот, како што тоа го прави Џулија во текот на сцената.
Во книгата, намената на омразатa е да се задоволат притаените чувства на нелагодност и омраза поради цензурираниот живот што го водат граѓаните. При тоа, воведен е и годишен фестивал наречен Недела на омразата како екстраполација на секојдневниот двоминутен период...

28 September 2012

Опасност од цензура преку новиот закон за навреда и клевета

Ја пренесувам реакцијата на Метаморфозис и препорачувам сите блогери, форумџии, твитерџии, фејсбукчии и интернетџии да го сторат истото за да се создаде јавна дебата, оти ако се усвои законот каков што е предложен, итекако ќе им влијае директно на животот. Властите реагираат на негативен PR, особено ако реакциите дојдат од многу страни и тие што реагираат не потклекнат под неминовните иницијални притисоци. Еден позитивен пример е недонесувањето на законот за младина во 2011.

Деловите од Предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета кои се однесуваат на комуникација преку интернет може да доведат до целосно затворање за можностите за јавна дебата преку сајтови регистрирани во Македонија и преку поттикнување цензура го кршат Член 16 од Уставот на РМ, предупредува Метаморфозис, фондација за интернет и општество од Скопје.
Предлог-законот, кој моментално е на прво читање во Собранието, содржи и делови кои се однесуваат на работата на „провајдери на интернет-услуги“ при што како такви експлицитно се споменуваат портали, но самиот термин провајдер не е дефиниран прецизно па може да се однесува и на било кој друг вид онлајн услуга: обезбедување пристап воопшто, апликација за директен муабет меѓу корисници, форуми, агрегирање и пренасочување кон содржини, сервиси за водење блогови, особено оние кои дозволуваат коментирање од трети лица под постовите, итн.
Со оглед на досегашните искуства од примена на нејасно дефинирани поими во пракса, самиот судија ќе треба да одлучи дали „провајдер на интернет-услуги“, односно соучесник ќе го смета и блогер кој „дозволил“ на коментар под негов пост некој непознат да остави коментар кој е навредлив за трето лице, или пак да се појави линк кон некој друг блог или сајт кој евентуално содржи навреди или клевети за трето лице.
Основниот член кој се однесува на интернет е член 11, кој вели:
Одговорност на провајдерот на интернет-услуги
Член 11
(1) Провајдерот на интернет услуги превзема одговорност, заедно со авторот, за надоместување на штетата која произлегува од овозможување на пристап до навредливи или клеветнички информации.
(2) Провајдерот на интернет услуги не одговара за изнесена навреда или клевета како резултат на овозможување пристап до навредливи или клеветнички информации под услов доколу:
1) докаже дека авторот на информацијата објавена на веб порталот не дејствувал под директна или индиректна контрола или влијание од страна на провајдерот на интернет услугата, и
2) докаже дека не бил свесен ниту трeбал да биде свесен дека навредлив или клеветнички материјал е објавен на веб порталот, или, во рок од 24 часа откако станал свесен за навредливиот и клеветнички карактер на објавениот текст или информација, ги превзел сите технички и други мерки за отстранување на таквата информација. Барање за отстранување на информација може да поднесе и оштетеното лице.
Со оглед на тоа што секој провајдер на интернет-услуги, односно администратор на веб-сајт, има технички можности за контрола на сите содржини (во крајна линија форма на контрола е бришење односно отстранување на сајтот од веб) спротивно на принципот за презумпција на невиност, со овој член сопствениците се ставаат во ситуација да мора да ја докажуваат дека биле невини, наместо оној кој ги тужи да треба да понуди докази за нивната вина односно зла намера.

Законов ќе ги обврзе порталите да цензурираат содржини објавени од нивните корисници по барање на „оштетеното лице“, не по судски налог врз основа на докажан и осуден прекршок.   На пример, некој владин функционер може да биде навреден од изнесување докази за негова корупција. Ако провајдерот не може да докаже дека сторил сè да му го спаси угледот тогаш се соочува со иста одговорност за содржините како граѓанинот кој ги објавил.

Со оглед на тоа што се изложуваат на ризик да платат казни до 27.000 евра, многу е веројатно дека  провајдерите на интернет-услуги, за да не ризикуваат тужби ќе оневозможат објавување било какви содржини генерирани од корисниците или во најдобар случај ќе бришат сè за што ќе добијат барање. Во спротивно повторно се изложени на трошоци бидејќи ќе бидат приморани да вработат модератори (адвокати и проверувачи на факти) кои однапред ќе може да проценат за секој коментар дали е навредлив или клеветнички, како и барем по 3 администратори кои ќе бидат на располагање во три смени односо 24 часа 7 дена во неделата (и за време на викенди и државни празници) за навремено да одговорат на сите барања за бришење во рок од законски пропишаните 24 часа .

Можностите за арбитрарна злоупотреба кои би ги отворило донесувањето на ваков закон, преку поттикнување провајдерите на интернет-услуги од сите општествени сектори, а особено од приватниот и од граѓанското општество, да воведат процедури за цензура на содржините генерирани од нивните корисници, го ставаат во директна спротивност со основните принципи на слобода на говор и забраната на цензурата содржани во член 16 од Уставот на Република Македонија.
Член 16
Се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.
Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање.
Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации.
Се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на исправка во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање.
Цензурата е забранета.
Метаморфозис ги повикува пратениците во Собранието на РМ да го одбијат усвојувањето на законот во ваква форма. Донесување на законски решенија кои буквално може да влијаат на економскиот опстанок на било кој од корисниците на интернет-услуги, кои сочинуваат над 60% од населението во Македонија, заради искажано мислење на интернет и со кои буквално се наложува на е-издавачите да развијат механизми за цензура доколку не сакаат да бидат изложени на опасност од драконски парични казни се во целосна спротивност на основното човеково право на слобода на изразување и Уставот на РМ.

Поради комплексноста и сеопфатноста на последиците од усвојувањето на овој закон, Метаморфозис смета дека процесот на донесување мора да се изведе инклузивно и во согласност со Упатството за начинот на постапување во работата на министерствата за вклучување на засегнатите страни во постапката за изготвување закони усвоено со уредба на Владата на РМ (Сл. Весник на РМ бр. 150 од 27.10.2011 г.) и достапно на веб-локацијата на Вицепремиерот за економија, согласно правната рамка за Процена на влијанието на регулативата (ПВР), вклучително Кодексот за консултации со јавноста за време на подготвувањето на регулативата и Прирачникот за проценка на влијанието на регулативата, достапни на веб-локацијата на Министерството за информатичко општество и администрација.  Во тој процес мора да бидат вклучени сите засегнати страни, почнувајќи од провајдерите на интернет-услуги до самите граѓани-корисници на интернет-услуги, блогерите, активните корисници на социјални мрежи и читателите на медиумски портали кои го изразуваат своето мислење преку коментари, како и претставниците на приватниот, граѓанскиот и образовниот сектор, особено експертите за човекови права. За конструктивна проценка на ефектите од законот преку споредбени анализи со странство во процесот мора да бидат вклучени и релевантните меѓународни институции, првенствено Високиот претставник на ОБСЕ за слобода на медиумите, како и меѓународните организации кои се занимаваат со заштита на слободата на говор.

Таквиот процес отсуствува во случајот на Предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, кој до моментот на објава на оваа реакција не е објавен на официјалните владини веб-локации: ЕНЕР – единствениот национален електронски регистар на прописи на РМ и порталот за модерни јавни расправи е-Демократија.мк. Доколку Владата на РМ и Собранието имаат намера овој закон да има позитивни последици по развојот на демократијата и подобрување на квалитетот на животот во Македонија законот мора да се повлече од собраниска процедура и процесот да се спроведе од почеток.

Метаморфозис ги повикува  сите општествени чинители, почнувајќи од индивидуалните граѓани, преку невладините организации, образовните и научните институции, приватните фирми, особено провајдерите на интернет-услуги, медиумите и е-издавачите, како и владините тела, особено оние задолжени за заштита на правата и слободите на граѓаните, активно да се вклучат во процесот на спречување на донесување на ова и било кое друго законско „решение“ кое нуди и најмала можност за загрозување на слободата на изразување во Република Македонија.

Метаморфозис ја упатува оваа реакција до надлежните институции на Република Македонија и  општата јавност, како и Високиот претставник за слобода на медиумите на ОБСЕ и до меѓународните организации кои работат на заштита на човекови права: ЕДРИ – Европски дигитални права, Амнести Интернешнал, Индекс он цензоршип, Хјуман рајтс воч и Репортери без граници.

26 September 2012

Марвеловиот Тор на арапски - не е бог

This post is also available in | Овој пост е достапен и на
- македонски преку Блогерај: Марвеловиот Тор на арапски - не е бог
- English: Marvel's Thor in Arabic - Not a God


Египетската новинарка и блогерка Аза Могази пренесе интересен интеркултурен факт во врска со арапскиот превод на стриповите за Тор од Марвел, врз кои била извршена религиозна цензура:

Со арапскиот превод воопшто не ни беше кажано дека тој бил еден стар нордиски бог. Арапскиот превод го претстави Тор како борец, не како бог...
Попатно, еве една дискусија од арапски форум за стрипови за Тор. Повеќето учесници се согласуваат дека стриповите за Тор не смее да се преведуваат или објавуваат на арапски затоа што признаваат пагански бог.
Следниов скен од едно стрип-издание за Тор на арапски е од гореспоменатиот сајт, Arabcomics.net. Според Аза, преводот гласи: „Тор... (господарот) на громот. Легендата станува вистина.“ Стрипот бил преведен и објавен во Либан и дистрибуиран низ целиот арапски свет (22 земји во кој арапскиот е мајчин јазик).

Арапска верзија на Марвеловиот Тор
Монотеизмот, односно одрекувањето на постоењето на сите други богови освен еден, е една од основните поставки на јудаизмот, христијанството (Стар Завет, Прва Божја заповед, наведена во Исход 12:1-17 и Второзаконие) и исламот (поглавјата 47:19 и 28:70 на Куранот). За луѓето кои живеат во секуларни општества може да е тешко да замислат како ваквите доктрини може буквално да се применуваат со цел на контрола или изменување на уметнички дела или други производи. Нема докази дека нецензурираните стрипови кои како инспирација за суперхерои користат приказни за старовремски богови водат кон возобновување на античките политеистички религии, било нордиски било медитерански (присутни во Вондер Вуман и Тин Тајтанс на ДЦ, на пример).





Моето лично искуство како дете што растеше во систем кој го нарекувавме социјализам, додека на Запад го викаа комунизам или тоталитаризам, е дека во посебениот случај на Југославија во осумдесеттите барем на стриповите за суперхероји немаше цензура. Иако системот официјално промовираше атеизам, немаше широк прогон на религиозните луѓе - всушност, „националните“ религиозни институции како Македонската православна црква и Исламската верска заедница беа дел од системот. Ниту пак овој официјален атеизам (одрекување на постоењето на сите богови) значеше цензура или менување на приказните за религиозни ликови, било пагански било монотеистички. Особено не во стриповите. Светското наследство, како и митологиите кои историски имале врска со тие простори исто така беа слободно реупотребувани од домашните автори, било да се дел од мејнстримот поддржан од државата или алтернативци. (Забелешка: Искуството на прилично либералниот југословенски комунизам беше многу различно во однос на степенот на угнетување и цензура од земјите на Варшавскиот договор).


--- Во други научнофантастични дела ---

Мотиви од нордиската, германската односно англо-саксонската митологија често се користат од американските автори на научна фантастика, поради очигледните врски на таа култура со англиската. Меѓу најинтересните вакви дела би издвоил две што ги истражуваат врските помеѓу нордиските („викиншките“) и арапските/блискоисточните култури и митологии. Плус случајно користат ист збор во насловот:
  • „Јадачи на мртвите“ (неофицијален превод на Eaters of the Dead) од Мајкл Крајтон, книга која е основа за филмот „Тринаесеттиот воин“ (The 13th Warrior). Во нив се опишува контактот и соработката помеѓу викинзи и човек кој доаѓа од Багдадскиот Калифат. Филмот има некои добри сцени, но книгата е многу побогата со (псевдоисториски и историски) детали што ја прават посочна. 
  • „Јадачи на животот“ (The Life Eaters) - стрип-албум по сценарио на Дејвид Брин со цртеж на Скот Хамптон, заснован на приказната од новелата „Тор го среќава капетан Америка“ (Thor Meets Captain America) добитник на наградата Хуго која во бивша Југославија ја имаше објавено загребски Сириус во бројот 133 (хрв. „Tor susreće kapetana Ameriku“).

10 September 2012

Скопје 2014: Утната година на изградба на зградата на МНР

Дали кога се подига зграда на неа се пишува годината кога била замислена, или кога била изградена? На новата зграда на МНР, дел од Скопје 2014, стои римскиот број MMIX = 2009, а сега е 2012 година и уште се гради...

Зградата на МНР во изградба, 18 август 2012 година.

Според фалшливиот натпис, стои дека зградата е изградена
во MMIX, односно 2009 година. Ретроактивност?
 Бесплатна поука за безмилосните фушерајски трошители на народни пари:
  • 2012 = MMXII
  • 2014 = MMXIV

Оваа математичка неписменост како да се надоврзува на неписменост во врска со користење на латинскиот јазик на споменикот „мала копија на Бранденбуршка порта“ со четири коњи, односно случајот со Justicia (вид цвеќе) наместо Justitia (правда).
Бонус: Погледот на Камени Мост, симболот на (старо?) Скопје.

Други луѓе укажуваат дека зградата на МНР покажува и други примери на некомпетентност од видот „покондурено сељаштво“ преку статуите (ФБ):

05 September 2012

НБА во Микијев забавник, 1982 година

Во „Микијев забавник“ број 399, објавен на 21.V.1982 г., во рубриката за прашања од читателите НБА е претставена како студентска аматерска лига.

Насловната страница од „Микијев забавник“ бр. 399, 21.05.1982.
Кликнете на сликите за поголеми верзии.
Во бивша Југославија, поголем дел од стрип-изданијата наменети за деца беа доста интерактивни (интересно е како денешниот интернет во голема мерка ги одразува потребите кои ги задоволуваа). Во скоро сите имаше или одговори на писма од читатели, како и рубрика за наоѓање пријатели за допишување. Обично беа претставувани прилози од целата земја, со што весниците давале придонес кон развојот на општествена кохезија. Во „Микијев забавник“, издание на белградската Политика (кое беше објавувано на јазикот кој тогаш се нарекуваше српско-хрватски на кирилица и латиница, како и на словенечки) прашањата од читателите беа поделени на подрубрики Мали тајни, Музика и Спорт на 2 страница, а потоа на цела 23 стр. има и слична рубрика „Стајино свезнање“ со прашања од науката („Зашто камилата пие толку малку вода?“).

    На којој кошаркашкој утакмици је постигнут рекордан број погодака и колико он износи?      - Рајко Рудолф, Литија      Кошарка спада међу најпопуларније и најбрже игре лоптом. У сусрету добро уиграних тимова лопта великом брзином прелази из руке у руку и тада се, у скоро сваком нападу, обично постиже и погодак. Рекордни број постигнутих кошева на једној утакмици догодио се у одлучујућем сусрету студентског првенства САД, које окупља најбоље аматерске кошаркаше (sic), а састали су се „Келтикс“ и „Лејкерс“.      Гесло на овој утакмици било је: дати противнику што више кошева. Играчи су пружили максимум јер су знали да ће победник овог сусрета бити и првак. Када је оглашен крај сусрета, на семафору се број постигнутих бодова попео до невероватне цифре од 340 кошева (sic). Овај резултат претставља светски рекорд по постигнутом броју кошева. Победио је „Келтикс“ са 178 кошева према 162, колико су постигли њихови противници.
Стр. 2 и 3 од Забавникот, со рубриката за прашања и одговори.

Во делот „Спорт“ е поместено прашањето од читател од Словенија, во превод на македонски:
На кој кошаркашки натпревар е постигнат рекорден број погодоци и колку изнесувал?
- Рајко Рудолф, Литија

Кошарката е меѓу најпопуларните и најбрзите игри со топка. При средби на добро разиграни тимови топката со голема брзина преминува од рака в рака и тогаш, при скоро секој напад, обично се постигнуваат погодоци. Рекорден број постигнати кошови на еден натпревар се случил во решавачката средба на студентското првенство на САД, на кое се собираат најдобрите аматерски кошаркари (sic), кога учествувале „Келтикс“ (sic) и „Лејкерс“.
Мотото на овој натпревар бил: на противникот да му се дадат што повеќе кошови. Играчите го дале својот максимум оти знаеле дкеа победникот на средбата ќе биде и првак. Кога бил огласен крајот на средбата, на семафорот вкупниот број постигнати бодови дошол до неверојатните 340 кошови (sic). Овој резултат претставува светски рекорд по постигнатиот број кошови. Победиле „Келтикс“ со 178 спрема 162 кошеви, кои ги постигнале нивните противници.
Интересно е да се проверат фактите во врска со овој напис (за што нè лажеле комунистите - како што пародираа на К-15):
  • Не е наведено кога и каде се случил рекордерскиот натпревар. Можеби на редакцијата на „Микијев“ податокот им е од тогашно издание на Гинисова книга на рекорди. Не успеав да најдам на нет нешто повеќе за неа. Можеби колегите од Мак НБА или Оф-сајд може да посочат извори?
  • НБА не е и не била аматерска студентска лига, туку професионална.
  • Пишува дека на натпреварот наводно биле постигнати 340 (178 + 162) кошови (анг. field goals), ама изгледа дека се мисли на поени (анг. points)? Еден кош може да донесе 1, 2 или 3 поени.

29 August 2012

Македонија: Пожар во планините над Гостивар

Возејќи од Стража кон Гостивар, синоќа приквечер снимив пожар на врвот од една од планините што се гледаат десно од патот. Дали може да препознаете за која планина се работи, односно кое е селото веднаш под запалениот врв?

Ако кликнете на сликите ќе се отворат поголеми верзии. На сајтот на Дирекција за заштита и спасување нема свежи информации. Споредувајќи го Гугл мапс со вест од Макфакс, изгледа се работи за с. Лакавица.

Пожарот беше видлив од патот што се спушта од Стража.
Ова одмориште сосе ѓубрето е на делницата пред Церово.

Малку зумирано се гледа дека пожарот е на врвот непосредно над едно село.

15 August 2012

Протести против поскапувањата во Скопје и Битола

На 14 август 2012 година во Скопје и Битола беа одржани истовремени протести за укинување на одлуките на Регулаторната комисија за енергетика заради кои граѓаните на Македонија треба да плаќаат повеќе пари за струја, гориво и парно греење. Мото на мултиетничките протести беше извикот Аман! и на секој од нив се проценува (1, 2) дека учествуваа по околу 2000 луѓе. Учесниците изјавуваа дека ова е сериозна бројка за прв протест, организиран само преку Фејсбук и Твитер (#АМАН, претходно #струја), без поддршка на други структури и за време на летните одмори, кога голем број од населението е отсутно од овие градови.

Аман! Протест во Скопје - транспаренти, камери
На почетокот на протестот Аман! во Скопје, учесник зборува пред камери. Во позадина транспаренти со цитат од Кочо Рацин, на турски „Исклучи го телевизорот/вклучи го мозокот/исклучи го звукот/пушти глас!“ и  „Пази да не видат твоите дека твиташ на скапа струја!“
 Меѓу контроверзните одлуки на „независната“ комисија, чии членови ги има назначено семоќното мнозинство во Собранието се и укинувањето на периодот на поефтина струја во текот на работните денови и воведувањето обврска за плаќање еден вид арач по квадратен метар стан на скопска Топлификација дури и од луѓето кои немаат склучено или имаат раскинато договор  со нив. Еден од мотивите за поскапувањето е тоа што со зголемениот приход од ДДВ ќе се поднаполни државниот буџет кој постојано се празни преку разни преценети градби, фасади и споменици, како и за плати за пренатрупаната јавна администрација - 164 илјади службеници за 2 милиони жители.

(Додаток: Еден анонимен читател ми прати линк до сајтот на Собрание кој покажува дека актуелниот претседател на РКЕ, за кој Утрински весник вели дека е кадар на најголемата владеачка партија, е избран на 60 седница на Собранието од 15 јуни 2009 г., без расправа, со 56 гласа за, без против и без воздржани. Ме интересираше дали меѓу тие што гласале за имало и претставници на опозицијата, но ПДФ-документот со резултатите ми е нечитлив, има некоја грешка во конверзијата.)   

Аман! Протест во Скопје - луѓе чекорат по бул. Климент Охридски
Аман! - протест во Скопје,  чело на поворката на бул. Климент Охридски со транспаренти на македонски и албански јазик

Ден пред протестите, блогерот Кирил Ефремовски напиша:
Повеќето од нас знаат дека цената на електичната енергија е инпут во секоја економија. Зголемувањето на цената на истата повлекува низа поскапувања кои многу наскоро (во септември) ќе ги почуствуваме сите, а најмногу ќе страдаат оние со најниски примања. Дополнително, од денес ќе плаќаме и поскап бензин (за еден месец поскапе скоро 15%) чија цена нужно ќе предизвика дополнитени поскапувања. Дали ќе останете рамнодушни на сето она што веќе почнува да се чуствува? 
Истиот ден, беше најавено дека наскоро ќе поскапи и лебот, а и дека ќе има нови задолжувања.

До сега, немам чуено за одговор од властите на барањата од граѓаните. Официјално ги игнорираат, во комбинација со тактика до сега беше да ги темпираат поскапувањата во сред одмори и да пуштат пропагандна офанзива за одвлекување внимание со лустрацијата, или замајувања со споредби со други земји од нивните мегафони.

Организаторите најавуваат дека протестите ќе продолжат и наредниот вторник.

Во продолжение следат уште фотографии од протестот во Скопје и линкови кон други извори.

Аман! Протест во Скопје - подготовки од птичја перспектива
Народот се собира пред почетокот на протестот во подножјето на Триумфалната Капија и „под нозе“ на зградата на ЕВН

Аман! Протест во Скопје - транспаренти, ГТЦ
Транспаренти: на албански „Исклучи го телевизорот, вклучи го мозокот...“ и „Доста е! Аман!“, а и на македонски, плус „Парите не се проблем/Пари нема!“... „Струјата моли/не пали ме/ќе те боли!“.

Аман! Протест во Скопје - плоштад
Поглед од под триумфалната капија Порта Македонија

Аман! Протест во Скопје
Придвижување кон оближниот влез на зградата во која е сместена Регулаторната комисија за енергетика.

Аман! Протест во Скопје
Чукање на портите на Регулаторна.

Аман! Протест во Скопје - реклама
Поворката поминува покрај реклама со натпис „Воздржи се ако можеш“
Аман! Протест во Скопје - улица
Народот оди по бул. Димитрије Чуповски

Аман! Протест во Скопје
Поворката се движи по бул. Климент Охридски кон Владата.

Аман! Протест во Скопје - леток
Леток за протестот закачен на излог на пропадната аптека на бул. Климент Охридски. Налепниците известуваат дека локалот се издава и дека претходно аптеката соработувала со државниот Фонд за здравство.


Аман! Протест во Скопје - Илинденска б.б.
Раскрсницата пред Влада. Дел од поворката е преминат на бул. Илинден...

Аман! Протест во Скопје
...додека останатите се на бул. Климент Охридски.
Аман! Протест во Скопје - Влада
Поминување пред Влада. Наскоро фасадата ќе била заменета со барокна.


Линкови (ако знаете и за други, особено на блогови и други јавни веб-сервиси, додадете линк во коментар или со линкбек кон овој пост)

09 August 2012

Германија: Колку чини една бронзена скулптура на слободниот пазар?

This post is also available in | Овој пост е достапен и на
- македонски преку Блогерај: Германија: Колку чини една бронзена скулптура на слободниот пазар?
- English: Germany: What is the Free Market Price of a Bronze Sculpture?
- në gjuhën shqipe në portalb.mk: Në Maqedoni luanët më të shtrenjtë se kudo


Интересно е да се види цената на бронзени статуи во ситуирано пазарно стопанство, наспроти оние купени во услови на партиска контрола на државните средства за јавни набавки.

Пролетоска, во Берлин наидов на продавница за разно-разни уметнички и декоративни дела. Пред неа беа изложени неколку бронзени скулптури на животни - во природна  големина или нешто помали. Претпоставувам намената им е да украсуваат дворови или домови на побогати луѓе кои сакаат да се претстават како љубители на природата и уметноста.

Бронзени статуи на животни изложени на улица пред
продажна галерија во Берлин, Германија во мај 2012 г.

Скулптурата на мечка, со приближни димензии од 80 x 130 x 150 cm, чини 5.800 евра.

Шепа од статуа на мечка со цена.

Од аспект на тематика, мечкава може да се спореди со бронзените лавови од Скопје 2014. Тие се со сличен или помал уметнички квалитет и од прилика двојно поголеми. Тоа би значело дека за нив е потребно 4 пати повеќе бронза, оти треба да се пополни волумен во 3 димензии.

Четирите лава на мостот „Гоце Делчев“ државниот буџет наводно го чинеле 2,3 милиони евра. До душа, сосе постаменти, на кои се поставени квазиисториски рељефи од типот Аристотел го учи идниот апсолутистички владетел Александар, дека демократијата е основа на слободата, напишано со некоја чудна мешана азбука. Испаѓа дека еден лав е од прилика 570 илјади евра, сосе постамент. Дури и пресметковната цена на самиот лав да е... што знам... петтина од комплетот со постаментот, пак испаѓа дека за таквата скулптура се платени над сто илјади евра.

Не знам дали е споредливо, ама ако за да се излее иста мечка, само дупло поголема, би чинело 4 пати повеќе (~25.000 евра) - ако сметаме пропорционално со материјалот. Впрочем се работи за редимензионирање на истото дело за кое авторскиот хонорар е вклучен во основната цена, значи е помал или еднаков на неа минус цената на бронзата и леењето. Дури и зголемувањето на мечката да чини и 10 пати повеќе (60.000 евра) пак останува голем расчекор со цената на лавиштата. Можеби во таа цифра е разликата меѓу слободен пазар и стопанство кое е комбинација на социјалистичка договорна економија и феудализам.

19 June 2012

Парадоксални свадбарски песни

Свадбите се поврзани со радост, градење заедница, меѓусебна доверба, плодност, среќна иднина... Парадоксално е што содржината на песните одбрана од врвните свадбарски бендови како дел од нивниот репертоар е на сосем спротивни теми.

На пример, дел од изборот на песни од „забавниот“ дел што го имам слушано по свадби во Македонија последниве неколку години... свирени во весел аранжман:
  • Suspicious Minds (Elvis Presley) - закана од раскинување поради параноична сомничавост
  • I will Survive (Gloria Gaynor) - тешење сама себеси по раскинување
  • Billy Jean (Michael Jackson) - типот нејќе да признае дека бебето на трудната Били Џин е негово
  • Hit the road, Jack (во стил на Ray Charles) - жената го брка мажот/дечкото што не го бива
  • (I can't get no) Satisfaction (Rolling Stones) - незадоволство поради комерцијализмот и сексуалните фрустрации
  • Đurđevdan (Bijelo Dugme) - жалење за изгубена љубов: „а ја нисам с оном коју волим“ (оваа се свири во „народниот“ дел, со ора)
  • A i ti me iznevjeri (Bijelo Dugme) - прељуба, па депресија
  • Kafana je moja istina (Toma Zdravkovic) - мажот алкохоличар се правда, бара прошка
  • Dajte vina hocu lom (Harid Džinović) - лечење депресија со алкохолизам: „nek' sviraju nek' me razbole, kad me njene oci ne vole“.
Среќа, не се сите такви, на пример застапена е и Celebration (Kool and the Gang), која е ем забавна ем весела во сите свои аспекти. Но би било интересно да се испита кој е критериумот за избор на песни од страна на бендовите - веројатно мелодијата и ритамот. Веројатно важен фактор е дали публиката го разбира или мисли на текстот.

Не дека во рамки на секој ритуал нема простор и за невеселите аспекти на животот, на пример, порано свадбите почнуваа и со народната „Черешна се од корен корнеше“, која во стил на словенска антитеза се обраќа на тажните чувства на невестата која се разделува од мајка си, ама во контекст на најава на понатамошната веселба поради новиот стил на живот. Но тоа е веројатно премногу експлицитно на оваа денешница.